Со десет гласови „за” и пет против Комисијата за уставни прашања на денешната расправа го изгласа првиот нацрт-амандман за промена на Уставот. Со овој амандман се прави замена на зборот „Република Македонија“ со зборовите „Република Северна Македонија“, освен во во членот 36 каде што името има историски контекст.
На денешната дебата опозицијата обвини дека целиот процес за промена на името и Уставот се одвивал нетранспарентно и без консензус и оти не е испочитувана волјата на народот искажана на референдумот.
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ги отфрли овие обвинувања и рече дека биле одржани неколку средби на кои опозицијата била информирана за детали од преговорите.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во целиот процес кажуваше дека овој договор и потпишувањето е одговорност на Владата. Кога имате процес каде перманентно се консултираат опозицијата и претседателот на државата, а тие не се изјаснуваат и ги напуштаат средбите тогаш може да се заклучи дека тоа е бегање од одговорност – забележа Жерновски.
Комисијата за уставни прашања ја продолжува расправата по вториот нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваст со прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен диговор.