Комисија за заразни заболувања: Опасната листерија ја има во производи на „Екстра меин“

by Фокус

За разлика од соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство каде се тврди дека по направените контроли, опасната бактерија листерија ја нема во производите на „Екстра меин“, од Комисијата за заразни заболувања излегоа со сосема спротивен став. Од таму тврдат дека во вкупно 40 од 900 мостри е докажано постоење на листерија и дека таа е најдена во производ на кумановската месна индустрија.

– На најголем дел од нив е извршена генотипизација, при што докажани се генотипови кои не се исти со оние кои беа причинители на листериоза кај луѓето, освен во една мостра од вакумиран сечкан свински врат, произведен од Екстра-меин од Куманово, каде е докажана listeria monocytogenes и каде извршената генотипизација покажува 98% идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето – се наведува во соопштението од министерството за здравство.

На денешниот состанок, Комисијата за заразни болести констатирала дека бактеријата ја имало во уште едно пакување, кое го донел граѓанин, но тој го донел отворено.

– Од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветеринарна медицина, Комисијата за заразни болести беше информирана дека листерија е утврдена кај уште еден примерок од вакумиран свински врат произведен од Екстра-меин Куманово (лот 071760028, пакуван на 10.07.2014 г.). Примерокот од свински врат е донесен на испитување за присуство на listeria monocytogenes од инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, а земен од приватно лице кое претходно го отворило производот и конзумирало од истиот. Од тие причини, од лицето е побарана своерачно потпишана изјава со која лицето бара да се испита примерокот од свински врат поради извршеното конзумирање, и истата, заедно со лабораторискиот наод е доставена до Основното јавно обвинителство – Скопје, во прилог на претходно доставената документација за поведената кривична пријава против непознат сторител – се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Од таму тврдат дека од Институтот за микробиологија и паразитологија при скопскиот Медицински факултет посочиле дека станува збор за исклучително вирулентен сој на бактеријата listeria monocytogenes, кој има потенцијал лесно да предизвика болест.

Комисијата за заразни болести донесе заклучок дека во интерес на постапката, до Основното јавно обвинителство ќе бидат доставени и изјави  од Институтот за јавно здравје – Скопје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институтот по микробиологија и паразитологија – Скопје, како и изјавата на Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во врска со која ќе биде побарано да се испитаат наведените искази од Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина“.

 

 

Поврзани новости