Ќе се формира комисија која ќе треба во детали да го истражи случајот со хеликоптерот на Армијата на Република Северна Македонија кој вчера поради дефект на моторот принудно слета кај селата Средно Коњаре и Долно Коњаре во реонот на Петровец, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Како што информираше министерката, дефектот бил регистриран за време на редовен тренажен лет, иако процедурата за проверка пред да полета воздухопловот не покажала никакви аномалии.
„Не се работи за паднат хеликоптер, туку за принудно слетан хеликоптер во околината на Петровец. Значи не е слетан на самиот аеродром туку на една ледина. Настанат е дефект кој е регистриран при редовен тренинг лет, тренажен лет на пилотите кои се дел од Армијата. Иако на почетокот пред да се започне со летот била спроведена соодветната процедура за проверка во каква состојба е хеликоптерот, не се покажал било каков дефект, меѓутоа сепак, во текот на летањето, системите за предупредување дале сигнал дека се појавува дефект на моторот“, рече министерката за одбрана.
Иако станува збор за млад пилот, Петровска рече дека како што привично е известена, тој постапил согласно стандардните оперативни процедури, односно ја известил контролата и пристапил кон принудно слетување на хеликоптерот, а потоа ги известил претпоставените.
„Утрово сум известена дека хеликоптерот сè уште се наоѓа на таа локација која во текот на деноноќието е обезбедена од армиските сили. Комисијата се формира и се разбира таа ќе треба во детали да истражи како дошло до тој дефект, дали можеби станува збор за некој пропуст или едноставно во текот на летањето се појавил тој дефект што може се случувало и претходно, меѓутоа комисијата сепак ќе мора да си ја заврши таа работа“, изјави Петровска.