Комерцијална одзема два објекти на Гофи за долг од над 7 милиони евра

За побарување од 7,3 милиони евра кон „Гофи“, поврзана со семејството на бизнисменот Трифун Костовски, „Комерцијална банка“ активирала хипотека за два објекти. Притоа, меѓу нив не е објектот каде беше сместена пропаднатата „Еуростандар банка“, туку се работи за објектите познати како „Поштенска банка“ и „Палата Македонија“.

by Фокус

„Комерцијална банка“ веќе се стекна со сопственост врз зградата на „Поштенска банка“ и води постапка за извршување на хипотека врз уште еден објект познат како „Палата Македонија“, кои беа во сопственост на семејната компанија на бизнисменот Трифун Костовски – „Гофи“, еден од акционерите на веќе пропаднатата „Еуростандард банка“.

Според информациите што ги добивме од „Комерцијална банка“, тие имале побарување од „Гофи“ во износ од 7,3 милиони евра за кредити обезбедени со хипотеки – недвижен имот, одобрени во 2015, 2017 и 2018 година.

Тоа е период пред да бидат поднесени кривичните пријави за предизвикување на стечајот на „Еуростандард банка“ и пред да биде донесена времената мерка од страна на Кривичниот суд, по барање на Јавното обвинителство, со која се забранува отуѓување и располагање со недвижности кои беа во сопственост на поранешни акционери на пропаднатата банка.

Притоа, побарувањата на „Комерцијална банка“ врз основа на кредитите дадени на „Гофи“ беа обезбедени со два објекта – едниот е зградата на поранешна „Поштенска банка“ на ул. Никола Кљусев бр.6, а вториот објект е т.н. „Палата Македонија“ на улица „Македонија“, во строгиот центарот на Скопје.

„Со оглед на тоа што „Гофи“ од крајот на минатата година престана да ги измирува обврските кон „Комерцијална банка“, а Банката трпеше и други трошоци поради резервации на овие кредити, во април 2021 година „Комерцијална банка“ покрена постапка за извршување пред надлежен извршител со барање за продажба на недвижностите кои беа под хипотека“, велат од КБ.

Инаку, Врховниот суд на во јули годинава донесе начелно правно правно мислење, според кое, „привремена мерка со која се забранува отуѓување и располагање со одредена недвижност или подвижна ствар не претставува пречка и не може да се смета дека надлежниот извршител постапувал незаконито при спроведување на извршувањето во постапката за реализација на договор за залог склучен пред донесените решенија за привремена мерка, кој договор има својство на извршна исправа“.

Но, како што велат од „Комерцијална банка“, извршителот ја започнал постапката за извршување на објектите под хипотека во банката по донесување на начелното правно мислење од Врховниот суд. Така, на лицитацијата одржана во септември, „Комерцијална банка“ се стекна со сопственост врз зградата на поранешна „Поштенска банка“.

„Комерцијална банка ќе продолжи и со извршување на другата недвижност, „Палата Македонија“. Со оглед на тоа дека овие објекти не ѝ се потребни на банката за извршување на сопствената дејност, по стекнување имотен лист на име на „Комерцијална банка“, Банката ќе продолжи со постапка за продажба на овие недвижности на други заинтересирани купувачи“, посочуваат од КБ.

Од таму истакнуваат дека немаат пријавено никакво побарување во рамки на стечајот на „Еуростандард банка“, па според тоа „Комерцијална банка“ ниту наплатила, ниту можела да наплати нешто од стечајната маса на „Еуростандард“. Воедно, од КБ потенцираат дека ниту еден од двата објекти што се предмет на извршување не се однесуваат на објектот во строгиот центар на Скопје, каде беше сместена „Еуростандард банка“.

По донесувањето на законските измени со кои се воведе обврска за пријавувањето на физички лица како вистински сопственици на компаниите во сопственост на други странски компании, бизнисменот Коствоски пријавил сопственички уддел од 25,1 отсто во „Гофи“, додека во Централниот регистар фигурира и неговата сопруга Драгица Костовска со, исто така, 25, 1 отсто.

Останатите сопственици на нешто под 50 отсто од удделите на друштвото остануваат непријавени, меѓутоа веројатно се работи за други членови на семејството. Како што е познато, оваа компанија со седиште во Швајцарија беше акционер во веќе пропаднатата „Еуростандард банка“, како и во „Еуролинк Осигурување“, пред осигурителната компанија да ја купи австриски „Граве“.

Неодамна, Костовски за Фокус изјави дека никогаш не криел што поседува тој и неговото семејство, меѓутоа одби да коментира било што за „Гофи“, со објаснување дека се води истражна постапка за „Еуростандард банка“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости