Банката се согласила заложното право на дел од имотот што го понудил поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков како гаранција, за да излезе од притвор, да го има првенствено државата, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал.
-Во текот на постапката банката во која бил заложен предложениот имот дала согласност истиот да биде подложен како гаранција. Воедно банката се согласи заложното право на имотот да биде на државата од прв ред, додека на банката од втор ред, што е впишано како товар и во Имотниот лист на прифатениот недвижен имот. Во однос на тоа кому ќе припадне имотот во случај на активирање на гаранцијата, Ве упатуваме да се обратите до Врховниот суд на РСМ, велат од Обвинителството за Фокус.
“Фокус” веќе пишуваше за видот на гаранцијата, односно според неговите адвокати таа се состои од личен имот на екс директорот стекнат во 90-тите и имот од неговиот фамилијарен бизнис.
-Гаранцијата за Сашо Мијалков која во три наврати е дополнувана се состои од недвижен имот на три правни лица. Меѓу предложениот имот во третото дополнување се две бензински пумпи и едно депо за бензин – имот врз кој има хипотека во Комерцијална Банка. До предметниот обвинител банката достави согласност заложното право на имотот да биде на државата од прв ред, додека на банката да биде од втор ред, одговорија тогаш од Обвинителството.
Ф.Ф.С.