Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје, на седницата одржана на 28.1.2021 година, ги утврди остварените неревидирани финансиски резултати на Банката за претходната 2020 година.
Заклучок е дека ТТК Банка АД Скопје ги реализира своите добро димензионирани стратешки цели и со успех ја потврди отпорноста на бројните негативни влијанија и предизвици врз економијата што ги наметна појавата на светската пандемија предизвикана од коронавирусот COVID – 19.
Брзата и навремена реакција за создавање безбедни услови за делување, како за клиентите така и за вработените, ефикасната замена на физичките процеси со квалитетни и безбедни електронски практики и со работа од далечина, посветеноста и реализацијата на деловните активности прилагодени во согласност со новите потреби на клиентите и новите услови на работење, внимателното следење на опкружувањето и конкуренцијата и воспоставеното долгорочно и успешно корпоративно работење и изградена доверба, се само дел од амбиентот во кој ТТК Банка АД Скопје повторно успеа да ја реализира својата мисија да создава вредности за своите клиенти, за вработените и за акционерите и да оствари забележителни позитивни резултати, бруто-добивка за 2020 година од 100,9 милиони денари, а по одбивање на данокот на добивка и нето добивка од 90,6 милиони денари.
Структурално гледано, остварениот позитивен финансиски резултат во 2020 година е со квалитет кој ја зацврстува стабилностa на Банката и перспективата за здрав раст во наредниот период. Тој е резултат најмногу на ефектите од редовните приходи на Банката и е значително подобар од оној што менаџментот на Банката го предвидуваше со финансискиот план на почетокот на здравствената криза.
Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход, како резултат на остварените оперативни приходи во износ од 462,7 милиони денари и остварените оперативни трошоци во износ од 332,6 милиони денари.
Известување за промени во сметководствените политики и методите на вреднување
Заклучно со 31.12.2020 година, нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување.
Финансиски остварувања на Банката
Нето-приходите од камати и понатаму остануваат основна компонента во формирањето на вкупниот оперативен приход на Банката со учество од 58,2 %. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2020 до 31.12.2020 година изнесуваат 269,3 милиони денари и бележат пораст од 0,4 % во однос на истиот период минатата година, пред сẻ како резултат на континуираното кредитирање кон секторот домаќинства. Планираните нето-приходи од камати се остварени со 96,4 % од Финансискиот план.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 147,7 милиони денари и се повисоки за 6 % во однос на минатата година. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизија има платниот промет во земјата, како од секторот население така и од секторот стопанство, како и приходите од провизии од финансиската активност – кредитирање. Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги ги надминуваат планираните за овој период за 5,9 %.
Нето-приходите од тргување изнесуваат – 5,2 милиони денари и во однос на минатата година бележат значајно намалување за 21,8 милиони денари како резултат на падот на пазарната цена на сите акции од портфолиото за тргување. Во однос на планираните, остварените нето-приходи од тргување за овој период се пониски за 4,1 милиони денари.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 9,5 милиони денари и бележат раст од 18 % во однос на минатата година и се остварени со 114,7 % од планираните за овој период.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 41,2 милиони денари и се остварени со 58,3 % од планираните за овој период.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 332,6 милиони денари и во однос на минатата година се повисоки за 1,6 %, како резултат во најголем дел на повисоки трошоци за плати, како и материјални трошоци и административни трошоци. Остварувањето е на ниво на планот за 2020 година.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 28,5 милиони денари и таа соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува 0,6 милиони денари.
Исплатени дивиденди
На ден 28.2.2020 година, Банката го објави Јавниот повик за учество на Годишното собрание на акционери коешто, врз основа на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба, се одржа на 8.4.2020 година, преку писмена кореспонденција, во согласност со насоките и уредбите при вонредна состојба на државата.
На Седницата на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје беше донесена Одлуката за определување на износот на дивидендата и датумите на исплата на дивидендата, со која се исплати дивиденда за 2019 година во бруто-износ од 99.867.680 денари или висината на бруто-дивидендата по акција изнесува 110 денари односно 11 % од номиналната вредност по акција.
Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Материјалните средства (недвижности, постројки и опрема) се пониски за 0,4 % во однос на 31.12.2019 година, што главно се должи на амортизацијата на основните средства.
Промени во кредитни задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити во однос на декември 2019 година бележат намалување за 50,9 % главно како резултат на вратени краткорочни позајмици од пазар на пари и отплата на обврските по кредити.
Очекувања за претстојниот период
Неизвесноста и ризиците што ги носи здравствената криза врз економијата и натаму се присутни и во вакви услови, засега, вниманието на ТТК Банка АД Скопје е насочено кон намалување на можните негативните ефекти.
Банката и понатаму внимателно ќе ги анализира тековните макроекономски параметри, ќе ги следи мерките, активностите и предвидувањата на економските авторитети и носителите на економските политики и операторите и ќе ги усогласува интерни индикатори, и ќе го прилагодува своето работење на пазарните услови, со фокус кон одржување на ликвидноста и долгорочната стабилност.
Банката ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и предвидливи очекувања. Растот на кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното закрепнување на економската активност и зголемената побарувачка за кредити. Притоа, Банката ќе ги презема сите неопходни активности за одржување на квалитетот на портфолиото, развој на понудата на производи и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите – правни и физички лица кои се најзасегнати од COVID-19 кризата. Одржувањето на ниска стапка на ненаплатливи кредити како еден од поизразените трендови претставува континуирана цел и во иднина ќе се реализира преку ефикасни политики на навремено дејствување, продажба на ненаплатливите кредити и очекувања за подобра наплата како последица на очекуваната економска стабилизација.
Креирањето одржливи и ефикасни процеси, реализацијата на планираниот обем на активности предвидени со деловната политика, понудата на нови производи прилагодени на потребите на клиентите, натамошниот развој на дигитализација на процесите, надградбата на производите и услугите достапни преку дигиталните канали и потпирањето на сопствените извори на финансирање и понатаму ќе претставуваат основа на деловната стратегија на Банката за оваа 2021 година, при што и натаму депозитите од секторот население остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.
ПР