49-годишен скопјанец со иницијали Г.М. доби кривична пријава за оставен коментар под објава на еден портал. Коментарот на скопјанецот ширел говор на омраза, поради што од Министерството за внатрешни работи поведоа постапка.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.М.(49) од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на социјалната мрежа Фејсбук, на објава поставена од еден портал, објавил коментар со содржина со која промовирал и поттикнувал омраза и насилство“, велат од МВР.
За ова кривично дело Кривичниот законик предвидува казна затвор од една до пет години.
„Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, како и верско уверување, ќе се казни со затвор од една до пет години“, стои во законот.