Комеморација на Цетиње – загубата на 12 животи остави празнина во срцата

by Fokus

По повод масакрот што се случи во Цетиње на 1. јануари, кога беа убиени 12 лица, денеска во Владиниот дом во овој црногорски град се одржа комеморативна седница за жртвите.

Комеморацијата започна со едноминутно молчење за жртвите, а упатена е порака дека ова е еден од најголемите предизвици со кој се соочиле Цетиње и Црна Гора.

Градоначалникот на кралската престолнина Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, рече: „Со тагата која сите ги обедини, се собравме пред еден од најтешките предизвици кој нѐ погоди како заедница“.

„Уште една трагедија од невидени размери ги погоди Цетиње и Црна Гора. Загубата на 12 животи нѐ остави во шок, особено боли загубата на двајца ангели кои беа симболи на невиност. Оставија празнина во нашите срца. Единствено што можеме да направиме е да им изразиме најдлабоко сочувство на семејствата и да им помогнеме во нивната болка“, рече Ѓурашковиќ.

Тој додаде дека ова не е загуба само за семејствата, туку и за целото општество.

„Сите да се запрашаме – зошто вакво нешто повторно се случи и зошто како општество го дозволивме ова? Државата мора систематски да реагира. Тоа им го должиме на жртвите и на нивните семејства. Мораме и сакаме јасно да бараме одговорност“, нагласи Ѓурашковиќ.

На комеморацијата присуствуваа претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, бројни министри во Владата на Црна Гора, претставници на локалната власт, како и членови на семејствата на трагично настраданите.

Во престрелката што се случи на 1 јануари во Цетиње, загинаа 12 лица, а шест беа повредени. Напаѓачот Ацо Мартиновиќ (45) по крвавата голгота се самоуби.

Животот го загубија Мирко Вулетиќ, Драгана Драшковиќ, Бранислав Мудреша, Радивоје Марковиќ, Јоша Оташевиќ, Зорица Вулетиќ, Радован Мартиновиќ, Радмила Мартиновиќ, Милош Мартиновиќ, Марко Мартиновиќ и малолетниците Ј.В. и В.В.

По повод трагедијата во Цетиње, во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост, на 2, 3 и 4 јануари.

Поврзани новости