Во Македонија во изминативе неколку дена има активни пожари на повеќе места, што е чудно за овој период од годината.
Екипите на противпожарната единица константно се на терен, борејќи се со огнените јазици, со цел да се спаси поголем дел од шумската површина и пожарот да не дојде до најблиските куќи во населените места.
Првиот човек на противпожарната единица на Скопје, Владимир Кочовски е убеден дека пожарите се подметнати.
„Тврдам дека пожарите во најголем дел се подметнати, а само малку од нив се предизвикани од невнимание. Се пали поради тоа што потоа е дозволена сеча на нагореното дрво. Тоа е примарната цел. Можеби има и некои други причини. Можеби се и политички мотивирани?! Тоа за да се предизвика страв и недоверба кај граѓаните во институциите кои треба да ги штитат?! Меѓутоа, крајната цел е дозволената сеча на дрвата. Минатата година во март месец имаше голем број на пожари на отворен простор. Тоа е исто така период во годината кога не се вообичаени шумски пожари. Дека пожарите се подметнати тврдам, затоа што, едноставно, не може да почне да гори во исто време, на иста планина, на три места. Секоја година имаме пожари на исти локации. Катланово викенд населба, Коњари, Дивље, Скопска Црна Гора…ама буквално на истите места. Секој ден горат истите депонии. Контејнери гасиме најмалку по два дневно. Претежно во Карпош.Температурата деновиве, се спушта многу ниско. Утрата се со роса. Тоа зборувам за во градот. Во планина температурата е уште пониска и со поголема количина на роса во утринските часови. Треба многу мака да се запали оган. Не дека ги жалам тие што палат. Само сакам да кажам дека е „вложен труд“ за да почне да гори и тој пожар да се одржува активен“, истакна Кочовски.
Кочовски не е задоволен од состојбата на пожарникарите во Македонија, иако според него, нашата земја ги има најдобрите во светот.
„Јас тврдам дека ги имаме најдобрите пожарникари во свет. Знам дека на секој пожар даваме се од себе, го ризикуваме својот живот за да спасиме, не само друг човечки живот, туку за да спасиме материјални добра. Меѓутоа морам да кажам дека работиме со намален број пожарникари. Бригадата брои околу 190 пожарникари а главниот град треба да има по еден пожарникар на 1500 жители. Примени се нови 25 пожарникари оваа година, меѓутоа поради непланираното и непредвидено одење во пензија пак сме некаде на исто. Тоа го овозможува законот кој дава можност да не мора да се користи бенифицираниот стаж. Да може да се продолжи со работа и по 64 години старост, што доведува до тоа да не може да се планира колку пожарникари би требало да бидат вработени во тековната година за да биде задоволен барем минимумот од потребните човечки ресурси. Градот прави огромни напори. Имаме разбирање од градоначалникот за нашите проблеми. Меѓутоа, можностите на градот се толкави колкави што се. Се што е во нивна моќ е направено. Бидејќи возниот парк ни е со просечна старост од 35 години, треба итна набавка на нови возила. За оваа година се очекува да добиеме 2 возила и една скала, меѓутоа, тоа е малку. Затоа треба да се ангажира државата во решавање на овој проблем. Во прашање е безбедноста на граѓаните, а со тоа нема калкулирање“, додаде Кочовски.
Јорданчо Цветаноски