Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, на Македонија и недостигаат над 500 пожарникари, а најмногу кубури со ваков кадар главниот град Скопје.
Командирот на чета во противпожарната единица во Скопје, Владимир Кочовски за „Фокус“ порача дека веднаш мора да се реши овој проблем.
„Ако сакаме да имаме противпожарна служба која ќе биде функционална треба да се пополни недостатокот на пожарникари. И тоа не да биде на етапи туку веднаш да се пополни со бројот на пожарникари кој е предвиден со закон. Бидејќи не е регулирано прецизно кога заминуваме во пензија (може да одиме на 58 години, на 64 или 67) не може ни прецизно да се планира колкава бројка на луѓе би била доволна. Па доаѓаме во ситуација да примиме 25 пожарникари а веќе после два – три месеца 25 да отидат во пензија. Кога би се комплетирале онака како што предвидува законот и кога редовно би се пополнувал бројот на тие што ќе заминат со нови би било вистинско решение, барем што се однесува до човечките ресурси“, истакна Кочовски.
Ј.Ц.