Против поранешен командир на полициската станица во Валандово е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Според пријавата на Министерството за внатрешни работи, 52-годишниот З.Б. од валандовското село Раброво набавил огревно дрво за полициската станица, пред да биде вградено ново парно греење кое користи нафта.
„З.Б. како командир на Полициската станица од општа надлежност Валандово, за грејната сезона 2014/2015 година за потребите на Полициската станица Валандово, од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ -подружница „Саланџак“ Валандово, во 2014 година извршил нарачка и во шест наврати примил количина од 51,1 кубни метри огревно дрво во вкупна вредност од 188.932 денари. Сумата била фактурирана на Министерството за внатрешни работи, за наплата на Јавното претпријатие „Македонски шуми“- подружница „Саланџак“ Валандово. Бидејќи во кругот на Полициската станица Валандово немало простор за складирање на наведената новонабавена количина дрва, поради постоечката залиха на огревни дрва од претходната грејна сезона 2013/2014 година, З.Б. наредил дрвата да се истоварат во склад во приватна сопственост на лице од Валандово. Притоа, не била изготвена документација за предадената количина на огревно дрво. Огревното дрво останало во складот и не било искористено за потребите на Полициската станица Валандово. Дополнително, парното греење на Полициската станица Валандово, кое за загревање користело огревно дрво, на 10.02.2015 година прекинало со работа и оттогаш огревно дрво за греење не се користело, бидејки било вградено ново парно греење кое користи нафта“, велат од полицијата.
Со ова дејствие, додаваат од таму, З.Б. ја злоупотребил службената положба и овластување кое му било дадено од страна на Министерот за внатрешни работи и го оштетил Министерството за внатрешни работи за износ од 134.052 денари.