Џезаир Шакири, познат како командант Хоџа од конфликтот во 2001 година, ќе има примања во Владата од 36.000 денари месечно како советник за внатрешна безбедност. Според Владата, Шакири ќе го советува премиерот, Зоран Заев, и за прашања поврзани со борбата против радикализмот.
Од Владата велат дека тој е ангажиран како надворешен соработник и дека неговиот договор е во времетраење од една година.
Командант Хоџа е учесник во воениот конфликт од 2001 година, кога ги раководеше припадниците на УЧК во Арачиново, кои беа извлечени во меѓународна интервенција.
По конфликтот, тој стана републички пратеник, меѓутоа неговата политичка кариера брзо згасна, бидејќи беше во лоши односи со ДУИ и Али Ахмети.
Во годините што следуваат, неговото име се споменуваше во контекст дека го држи под контрола родното село Танушевци, не доволувајќи да се воспостави уставно-правен поредок.
Тој вчера изјави дека со Заев имал договор да го ослободи Танушевци, а за возврат да добие функција близу до премиерот како гаранција за неговата безбедност.