Откако ВМРО ДПМНЕ не успеа да формира влада по изборите од 11 – ти декември, таа партија ја третира Македонија како своја привремено окупирана територија.
На таа територија војводите Илче Гебелс, Антонио Хер Флик и Никола Поповски Мистер Бин објавија и некаков Манифест на нивниот Четврти Илинден пред Велигден, со кој, таа револуционерна организација ги повикаа сите граѓани да се кренат на востание и да предизвикаат нови парламентарни избори за конечно ослободување на земјата.
Бидејќи наследниците на партизаните од СДСМ, со својата „македонско-косовска бригада” имаат ослободено голем дел од територијата на Македонија би било логично тие на Велигден пред Илинден, во некој манастир на ослободената територија, или во Пелинце на пример, во околината на црвено Куманово да ги свикаат избраните делегати од сите делови на Македонија кои се мнозинство и да го одржат својот нов АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија). Собранието со своја комисија за именување, би избрало претседател на Собранието и влада на Слободна Република Македонија.
На седницата на новото заседание на АСНОМ за време на Велигден може да бидат поканети гости од сите партии кои учествуваа на изборите и во своите програми бараа промени на власта – од Левица и Демократски сојуз до ВМРО – Народна партија и Партијата на слободоумните патриоти на Јове Кекеновски. На еден таков АСНОМ би можеле да учествуваат и академици како Таки Фити и Абдулменаф Беџети и претставници на невладините организации кои се борат за правда и слобода, но и поранешни истакнати членови на ВМРО ДПМНЕ како Димитар и Никола Димитров, Владимир Змејковски, Ѓулистана Марковска и многу други.
Секако, мора да бидат поканети и претставници на сојузниците во оваа антифашистичката војна како САД, Велика Британија Франција, Германија и други земји, претставници на НАТО и на ЕУ.
По одржувањето на новиот АСНОМ од нив треба да се побара признавање на новата власт во Македонија, помош во завршните операции и да им се гарантира фер судење на воените злосторници и на воените профитери од раководството на ВМРО – ДПМНЕ.
Можеби изгледа чудно, ама не и невозможно.