Пишува: проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Прелистувајќи по моиве постари колумни се изненадив кога ја прочитав колумната ,,Новата политичко персонална олигархија напаѓа” која е објавена на порталот МКД.МК на 23 јули 2012 година. (http://www.mkd.mk/46291/kolumni/nova-politicko-personalna-oligarhija-jove-kekenovski).
Си велам дали можев да бидам толку предвидлив или пак ,,зол” во моментите на пишување на оваа колумна. Бидејќи сум човек алтруист, космополит, човек кој не знае да мрази или пак некому да му мисли лошо, а со оглед на моето животно и практично искуство по кратко анализирање го зајакнав уверувањето дека во прашање е моќта за аналитичко расудување и предвидливост на случувањата.
А еве што напишав тогаш:
,,Поминаа скоро шест години од формирањето на првата влада на премиерот Груевски. По веќе видениот терк, со неа од пред неколку години започна да се промовира и новата македонска олигарахија. Бидете подготвени, New kids are in town…!!?? Зошто токму сега?! Кој и каде е изворот што носи наплив од нови олигарси? ……….На многумина од нас, обичните граѓани, одамна мошне ни е јасно како и со која формула нашиве олигарси го стекнаа своето богатсво во времето на СДСМ, а во времето на ВМРО-ДПМНЕ само го зголемија. ……
Покрај овие веќе стари олигарси, некако неприметно во последниве петанесетина години се создаваше и втора генерација на олигарси која својот процут го доживеа во последниве десет години. Повторно играјќи и со едните и со другите политичари. Еве неколку случајно избрани профили, на пример… Нема кој во државава не слушнал за еден скопско-општински градоначалник, сопственик на ланец маркети, кој од бизнисмен стана политичар.
Тука е и малку познатиот во јавноста, сопственик на градежна фирма специјализирана за комунална инфраструктура без која ниту една поголема општина не почнува ниту една работа, а своевремено директен учесник во пропаѓањето на една позната скопска фабрика. Следуваат првите луѓе на неколку македонски банки (кои пак уште станаа витези, темплари, масони, ротаријанци, лајонси… а до неодамна не знаеја каде е Скопје).
Во списокот на втората генерација олигарси влегуваат и неколку нови дечки кои преку ноќ станаа сопственици на фабрика за производи од бетон, градежен институт, хотели во изградба и др. За еден од нив дури се зборува дека и е финансиски поддржувач на црквата на Вранишковски. Тука секако дека е и неизбежниот дечко за сите времиња кој своевремено на изборите поклонуваше црвени рози, а сега сопственик можеби на повеке од една третина од Македонија.
Понатаму следат сопственици на телевизии, штедилници, универзитети или универзитети пред пропаѓање, акционери во фирмите со кои раководеле нивните родители, поранешни директори на државни претпријатија, а сега приватни бизнисмени… и уште неколкумина познати и непознати фаци…….
Третата генерација на олигарси е онаа која ја почетокот ја крстев како политичко персонална (па ако сакате и перверзна) олигархија. Како да беа малку овие олигарси, па новиве партиски дечки (Македонци, Албанци и останати високо позиционирани политичари од другите етнички заедници во РМ) решија да создадат свои нови олигарси, кои ќе им служат лично и персонално само на нив. Принципот е јасен: ние Вам пари кои ќе ги управувате, ќе водите бизниси, ќе се чаламите и ќе уживате, а Вие нам лојалност, сервилност и разбира се, преку вас оплодување на парите. Решено, сторено. Како новопечени и тазе газди овие дечки нескриено од очите јавноста, денес уживаат во улогата која им ја подариле нивните налогодавци и шефови, притоа заборавајќи како некои исти такви олигарси во минатото завршија во Бугарија и Србија.
Да ги потсетам само на првите луѓе на една голема бугарска корпорација, кои исто така управуваа со туѓи пари, како и каде завршија. Едни се обесија, други си пукаа во глава, на трети им беше извршен атентат. Нешто слично ги очекува и овие нови курајберчиња. Порано или подоцна……. Иако сакав во овој текст и барем описно да насликам некои од нив, поради нивната мала вредност и еднократна употреба решив да не го правам тоа и воопшто да не ги споменуваам ниту по име, ни по презиме. Ќе се препознаат самите тие………… “
Цццц, ццццц. Леелеле лелее Зарем е можно да се случи ова што сум го напишал? И повторно ги препрочитувам погоре напишаниве реченици и некако несвесно ми се вртат во главата мултигруповци, земунски кланови и др. Веднаш само по себе доаѓа прашањето: Ќе има ли расчистување на должничко доверителските односи, на нерасчитените сметки и други работи помеѓу новите олигарси и нивните ментори и патрони?.
Можно ли е пратеници, судии, обвинители полицајци и други во неможноста да одработат или да се реванишираат за тоа што дошле до позицијата, да бидат втурнати во овие немили случувања? И затоа после поминати 5 години од овој објавен текст после случувањето со експресното враќање на ,,новиот олигарх од службен пат”, после минатогодишното само(убиство) на академски уметник кој влегол во медиумскиот бизнис и станал директор на фирма сопственик на портал, јавно го поставувам прашањето можно ли е да бидеме сведоци на идни немили случувања онакви какви што ни се случуваа во блиското соседство годиниве наназад.
Но, сега во некој си т.н ,,Македонски Мултигруп”.