Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и побара Колумбија да се приклучи на тужбата на Јужна Африка против Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, пренесува Хина.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, рече Петро пред собир во Богота по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа повеќе од 34.560 Палестинци, а беа ранети приближно 77.770, според здравствените власти во Газа.
Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и опустоши поголемиот дел од крајбрежната енклава.