Колумбиецот Јанко запеа на општинска прослава во Скопје!

by fokus

Сузана Спасовска, Влатко Миладиновски, Јована Богдановска, КУД ПЛетенка и Колумбиецот Јанко беа музички гости на општинската прослава, 20 години Општина Бутел, и синоќа од 19 часот настапија на големиот паркинг на спортско-рекреативниот центар ,,Македонија” (кај Олимпија, Радишани).

Градоначалникот Дарко Костовски вчера ги покани граѓаните да дојдат на првиот дел од музичкиот настан кој општината го организирала во наредните два дена. Вечерва пак, ќе настапат Врчак, Пајак, Таско, Куку Леле, Мелани и Марија.
На својот прв општински настап во Македонија, обожаватели му подариле македонско знаме на познатиот Колумбиец.

Инаку, за Јанко Пенафорт, познат како Јанко Колумбиец, земјава дозна преку неговите видеа на кои изведува народни македонски песни. Тој е лидер на бендот Вардар Анди, а има колумбиско-украински корени. Во минатото изведувал украински народни песни.

Татко му е Колумбиец, додека пак мајка му е Украинка. Во Македонија дошол како турист, и веднаш штом ја слушнал песната „Море сокол пие вода на Вардарот“, се воодушевил од звуците. Посебно бил импресиониран од кавалот и гајдата, како и од седумосминскиот ритам.
За кратко време го совладал македонскиот јазик, а со својот бенд редовно објавува изведби на изворни македонски песни.

Тој е активен на неговата Фејсбук страница ,,Колумбиец пее на македонски” и има голем број на следбеници. Настапот во Скопје е негов прв професионален ангажман во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости