Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на музичарот Андреј Ѓорѓиески од дуото ДНК, кој загина во пожарот во Кочани, по подолг период се огласи на социјалните мрежи.
Таа сподели објава од минатонеделниот протест на родителите на загинатите деца во Кочани, со наслов ,,Родителите ја нарекоа Силјановска ,,маќеа” и побараа оставки од неа, Мицкоски и Тошковски” и јавно порача дека институциите треба да покажат дека можат и сакаат да спроведат неселективна правда за сите.
-Бараме неселективна правда. Без калкулации, без привилегирани и без заборавени. Ако не ја добиеме – ќе зборуваме погласно. И ќе не има се повеќе.
Ако институциите не покажат дека можат и сакаат да ја спроведат правдата подеднакво за сите – тогаш допрва ќе бараме одговорност. И оставки, истакна Наталија.
Сопругата на Андреј исто така јавно се огласи на социјалните мрежи и на 17-ти март, еден ден по трагедијата. Тогаш објави дека се лажни објавите дека пиротехниката во таканаречениот клуб ,,Пулс” била донесена од страна на бендот и порача да не се штити некој кој треба да биде зад решетки.
Како потсетување, на последниот протест на семејствата на загинатите младинци во Кочани, присуствуваше и семејството на тапанарот Џоко Ѓоргиев, кој беше член на придружната група на ДНК.
Неговиот татко упати остри зборови до претседателката Силјановска, до премиерот Мицкоски и до министерот за внатрешни работи Тошковски.
Вики Клинчарова