Постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбиа, смета дека старосната граница за пензионирање треба внимателно да се разгледа, но нагласува дека лицата над 60 години треба да имаат избор да продолжат да работат, а не тоа да биде задолжително.
„Најважно е ова да остане незадолжително. Многу од луѓето во Северна Македонија на 67 години можеби не се здравствено подготвени да продолжат со работа како претходно. Затоа треба да им се овозможи активен и здрав живот, а работата да биде личен избор,“ изјави Колумбиа, коментирајќи го предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години.
Таа ја посочи демографската промена како „втора демографска дивиденда“, бидејќи луѓето живеат подолго и можат подолго да придонесуваат за економијата. „Инвестирањето во лицата над 60 години ќе донесе економски придобивки. Ако тие се здрави и активни, можат да продолжат со работа или да започнат сопствен бизнис, но тоа треба да биде по сопствена желба,“ вели Колумбиа.
Во интервјуто, таа говореше и за кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, состојбата со родовата еднаквост, законските измени поврзани со фемицидот, како и начините за справување со негативниот природен прираст.