Колку вреди човечкиот живот: Условни или минимални затворски казни за згаснати животи!

by fokus

Вчерашната вест за смртта на 24-годишната Викторија Н. од Радовиш, која го загуби животот на пешачки премин кај Сити Мол во Скопје, а нејзиниот пријател е хоспитализиран поради повреди, откако во нив удрил џип управуван од 22-годишно момче, целата земја е вознемирена. Нема родител на кој не му прелетало низ мислите дека тоа може да биде и негово дете, дека еден млад живот е прекинат во чекор поради нечија грешка, неодговорност и непромисленост.

Околу тоа како се вози низ улиците во градот, не само во Скопје, туку и во другите помали градови, може да се прочитаат илјадници сведоштва, кои граѓаните ги оставаат на социјалните мрежи по трагедијата. Безредие, негрижа за пешаците и останатите учесници во сообраќајот се редовна слика која несовесни возачи ја практикуваат секојдневно.

Непочитување на законите, пречекорување на дозволената максимална брзина, возење под дејство на алкохол, возење без возачка дозвола или пак со технички неисправно возило е наше секојдневие, за кое редовно читаме во билтените на МВР.

Нема ден, а да не се спомнуваат стотици прекршоци на страницата на Министерството за внатрешни работи, се известува за санкционирање на возила кои буквално летаат во и надвор од населено место, не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а по сите апели за безбедни патишта, се продолжува со дивеењето и загрозувањето на животот на граѓаните.

Дека со страв се минува улица и луѓето не се чувствуваат безбедно да пуштат дете надвор, токму поради разузданоста која владее на коловозите, посебно по вчерашниот настан, сведочат коментарите на јавноста.

Ригорозни казни за сторителите на прекршоците се бараат секогаш кога ќе се случи трагедија, но се реагира и поради минималните казни со кои се соочиле оние кои одзеле нечиј живот на патиштата. И токму во благите казни за сообраќајни несреќи со смртни последици, народот го гледа најголемиот виновник да се продолжи со дивеењето на патиштата.

Како потсетување, случајот со Верица Белчовска (20) која беше покосена на пешачки премин во Струмица од страна на осумнаесет годишно момче, првин заврши со казна од 15 месеци затвор. По бурните реакции на семејството и поднесената жалба, Апелацискиот суд во Штип му ја зголеми казната на возачот на 30 месеци.

Тој го прегази девојчето додека ја минувало улицата на пешачки премин, избегал од местото на настанот, а потоа истиот ден, самиот се пријавил во полиција. Нејзиното семејство ги донираше органите и се спасија три животи, а по изрекувањето на казната нејзиниот брат Мартин за ,,Фокус” изјави дека се во шок.

-Во неверување сме, дали ова е соодветна казна за некој кој од раце ни ја зеде Верче? Казната треба да биде соодветна за делото, со цел да послужи како пример на сите во иднина, на секој еден кој седнува зад волан – реагираа Белчовски лани, во јули.

Само четири месеци потоа, во ноември, ,,Фокус” објави уште една потресна приказна за сообраќајка која се случи во Охрид, кога две момчиња во своите дваесетти години загинаа, а три девојки кои биле со нив во возилото завршија со тешки повреди од кои и денес се опоравуваат и имаат последици.

Возачот кој удрил во нивното возило, на возраст од 25 години, возел со брзина од 106,6 километри на час, на место каде е дозволена брзина од 60 километри на час.

Сташа Божиновска, една од повредените девојки, ни ја достави пресудата, според која осудениот добил условна казна, односно доколку во наредните четири години го повтори делото, ќе одлежи две години затвор,  и платил глоба од околу 3.000 евра.

Таа во нејзино и име на семејствата на загинатите другари бараше правда, со зборовите дека судијата по втор пат им ги убил другарите.

Веста помина со бурни реакции од јавноста, со апели за правда и соодветни казни кои ќе послужат како поука, а набргу потоа се огласи министерот за правда Бојан Маричиќ, со најава дека ќе се воведува ново кривично дело ,,Безобзирно управување со моторно возило”, за што се пропишува затворска казна до три години, а доколку има смртни последици, казна од најмалку четири години затвор.

Јавноста се сеќава и на случајот од 2015 година со младата студентка Фросина Цековска од Крива Паланка која беше прегазена на пешачки премин во Скопје. За изгубениот живот, возачот беше осуден дури во 2019 година, и тоа првин на шест ипол години затвор. Потоа Апелација ја укина пресудата и ја врати на повторно судење по што Кривичен му пресуди 4 години затвор. По жалбите предметот пак дојде во Апелација која му пресуди 3 години затвор.

Десетици сообраќајки со смртни последици, предизвикани поради непочитување на сообраќајните прописи се случија само во изминатите неколку години. Жртвите, како и сторителите се најчесто млади луѓе. Јавноста бара да се стави крај на самоволието на несовесните возачи со ригорозни казни за секој прекршок, со цел да се превенираат трагедии во иднина.

Засилени полициски контроли, успорувачи на брзина во вид на вибрирачки ленти и легнати полицајци, како и соодветно осветлување на премините на прометните улици се нешто на кое се апелира по секој трагичен настан на патиштата.

По вчерашната трагедија семејството на Викторија од Радовиш остана завиено во црно. Блиските ја опишуваат како прекрасна девојка, сакана сестра и ќерка пред која бил животот.

-Да не се повтори никогаш, никому, реагира јавноста, со апел да се направат законски измени и сериозно да се работи на безбедноста во сообраќајот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости