Неколку месеци пред да ја напушти министерската фотеља, поранешниот министер за здравство Венко Филипче договара тендер за набавка на ангиографи, апарат кој е клучен за срцевите заболувања, поточно служи при акутен инфаркт и за стентирање пациенти.
Како што веќе објави „Фокус“, според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, може да се забележи дека целата тендерска процедура почнала на 31 август лани, со што вкупната бизнис-зделка достигнува сума од рекордни 2 милиони евра за набавка на три ангиографи за потребите на скопските клиники за кардиологија и радиологија, како и болницата за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Едниот апарат за срцеви заболувања во вредност од околу 500.000 евра треба да го набави компанијата „Фарма Трејд“ , која во јавноста е позната по тоа што со години наназад добива тендери за лекови и медицинска опрема за потребите на јавните здравствени установи.
Вториот ангиограф, кој е далеку со повисока сума го добива компанијата „Нет Електроникс“. Апаратот за срцеви заболувања е наменет за скопската Клиника за кардиологија со вкупна вредност од речиси 700 илјади евра. Според податоците, марката на ангиографот е Innova IGS 5, a производител на овој апарат е француската компанија „GE Medical Systems“.
Според договорот, компанијата се обврзува во рок од шест месеци да изврши испорака, инсталација и обука на персоналот, кој ќе работи со опремата.
Нашите извори тврдат дека овие апарати најчесто се набавуваат од јапонската „Shimatsu“, потоа француската „GE Medical“, како и од Сименс. Исто така, постојат и различни марки кои се произведуваат и кои нормално се со различни цени, но сепак таа разлика се движи од 20 до 100 илјади евра.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Ирена Мулачка