Членовите на општинските совети добиваат паушали за присуството на седниците, кои од една до друго општина се разликуваат во висината. Колкави суми добива секој советник и претседател на Совет од одржана седница може да се види во истражувањето кое го направи Центарот за граѓански комуникации и се однесува на сумите за 2019 година.
Во Тиквешијата на пример, според базата на податоци на износи на паушалите на општинските советници, највисока е висината на паушалот на советниците на Кавадарци и изнесува 14.566 денари, додека претседателот на Совет на Општина Кавадарци добива паушал со висина од 18.935 денари. Во Кавадарци има 18 советници.
По Кавадарци следува Неготино, со висина на паушал за советниците од 12.138 денари, а за претседателот на Совет со висина од 14.657 денари. Во Неготино има 14 советници.
Зад Неготино се наоѓа Демир Капија со висина на паушал за советници во износ од 9.710 денари, и 12.624 за претседател на Совет. Во Демир Капија има девет советници.
Во Општина Росоман висината на паушал за советници и претседател на Совет е иста како и во Демир Капија. Таму има осум советници.
Според објавеното истражување, во 2019 година во Кавадарци се одржале 20 седници, во Неготино 18, во Демир Капија 12 и 13 во Росоман.
Според базата на податоци на износите на паушалите на општинските советници, висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината. Исто така, услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница.
Највисок месечен надомест добиваат советниците од Скопје, а најнизок во земјава советниците од Вевчани.
Годишните трошоци за исплата на надоместоците на советниците на единиците на локалната самоуправа во земјава изнесуваат над 215 милиони денари, односно над 3,5 милиони евра. Ова го покажува анализата на податоците за 2019 година, добиени од општините и Градот Скопје, за висината на месечните надоместоци на советниците и бројот на одржани седници. Вкупниот број на советници во сите 80 општини и Градот Скопје достигнува 1.319.
Вики Клинчарова