Најмалку 64 пратеници ќе гласаат за „новата влада“ во која ќе влезе Алијанса за Албанците, проценува новинарот и аналитичар Џелал Незири, кој вечерва гостуваше во „360 степени“ на „Алсат“.
-Немаме јасна слика на која страна ќе застанат пратениците особено по овие последни поделби, предизвикани од влегувањата и излегувањата на партиите во владината коалиција. Но, според сите изгледи, оваа влада или коалиција, има сигурна поддршка во Собранието, има стабилно мнозинство, сега со влегувањето на АА и најмалку 64 пратеници ќе ја гласаат новата влада – рече Незири.
Во однос на прашањето колкумина пратеници ќе го поддржат новиот предлог за составот на владата, со оглед на тоа дека имало шпекулации оти е можно мнозинството да ја нема поддршката од 61 пратеник, тој рече:
„Не верувам, бидејќи ако ги собирате или минусирате сите овие потези на партиите тогаш минимумот на парламентарното мнозинство ќе биде 65 пратеници. Ако го минусираме дури и Павле Трајанов, повторно нема да се загрози ова мнозинство“.
Според него, со влегувањето на АА во владата се решила дилемата дека нема да има предвремени избори.