На покана на Владата на Црна Гора, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес учествуваше на регионалната конференција посветена на европската иднина на регионот „Западен Балкан: Иднината на Европа е наша заедничка агенда“.
Вицепремиерот Димитров истакна дека за надминување на застојот во процесот на проширување, регионот треба да испрати јасна порака поткрепена со конкретни дела.
„Колку повеќе зборуваме во еден глас, толку погласно ќе одекне нашата порака и подалеку ќе се слушне. Во главните градови на ЕУ, вестите од една држава од регионот влијаат на перцепциите за целиот Западен Балкан, треба да покажеме дека можеме да работиме заедно и да ги надминеме отворените прашања. ЕУ пак, од своја страна, треба да докаже дека ја разбира стратешката важност на проширувањето со земјите од регионот. Ако зајакнувањето на отпорноста на Унијата е една од точките што ја засегаат иднината на Европа, тогаш токму регионот е виталната точка за остварување на оваа цел. Успехот на европското досие на Северна Македонија е клучно ако сакаме европскиот политички билет да биде добитен.“