Пред два дена владејачкатав партија на Централен одбор избра ново партиско раководство.
Нов генерален секретар е Миле Зечевиќ, а организационен секретар е Вангел Андревски. За секретар за меѓународна политика е избран Бојан Маричиќ, кој ја имаше оваа функција и досега. Сања Лукаревска останува заменик-претседателка на СДСМ.
Извршниот одбор на партијата брои 17 члена, меѓу кои останаа и неколку од старите, но сепак дојде и до освежување со нови кадри.
Од тоа што можевме да забележиме, четворица од членовите на Извршниот одбор се лекари по професија. Како прва на списокот може да се најде името на доктор Ана Данева Маркова, лекар специјалист од скопската Клиника за гинекологија. Таа веќе долги години работи на клиниката, а еден период после заминувањето на екс директорката Марија Хаџи -Лега, нејзиното име се вртеше како нејзина наследничка. Сепак, на крај клиниката остана да ја предводи доктор Викторија Јовановска.
На второ место е доктор Снежана Захариева, која ја раководи со кумановската Општа болница, односно веќе неколку години е директорка. Таа управува со болницата за време на целата ковид пандемија.
На трето место е доктор Милена Стефановиќ, веќе позната на јавноста како директорка на Клиниката за Инфективни болести во Скопје. Таа не е нов член на Извршниот одбор на партијата, туку таа функција ја има уште од претходно.
Тука е доктор Андреј Петров, кожен лекар и универзитетски професор, кој подолг период немаше никакви блиски релации со матичната партија. Тој се посвети на професијата, а во меѓувреме стана и претседател на Асоцијацијата на дерматовенеролози на Македонија.
И.М.