Колку ќе чини новото возење на скопските автобуси на нафта од „Пуцко“?

Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје склучи договор вреден скоро 27 милиони евра со нафтената компанија на семејството Јахоски, која била единствен учесник на тендерот за набавка на 14.500.000 литри дизел, кои ќе се испорачуваат по потреба, а плаќањето ќе се врши во рок од 90 наместо 120 дена.

by Фокус

Скопското јавно сообраќајно претпријатие на чело со директорот Александар Стојковски, поставен од градоначалничката Данела Арсовска, склучило договор за набавка на дизел гориво во вредност од 26,8 милиони евра со нафтената компанија „Пуцко петрол“, поврзана со семејството на актуелниот пратеник и поранешен градоначалник Исмаил Јахоски.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, станува збор за договор кој предвидува во следните 2 години да се набават 14.500.000 литри дизел гориво, што претставува проектирана количина согласно потребите и обезбедениот буџет. Меѓутоа, овие ставки може да се променат.

Со оглед дека нафтените деривати се берзански производ, чијашто цена дополнително е регулирана, однапред не може со сигурност да се предвиди трендот на движење на цените на дериватите, односно дали истите ќе паѓаат или ќе почнат да растат како резултат на зголемување на цената на суровата нафта и/или промената на курсот на американскиот долар.

Имајќи го предвид тоа, вкупните количини на Еуродизел БС ќе бидат подложни на промени, односно можат да бидат помали или поголеми од горенаведените количини, во зависност од објективни надворешни услови кои настануваат надвор од вољата на договорниот орган и на кои договорниот орган нема можност да влијае“, навеле од ЈСП Скопје во тендерската документација.

ПРОМЕНА НА УСЛОВИ

Притоа, тендерската документација претрпела неколку измени. Прво, промена се направила во рокот на плаќање, кој се скратил од 120 на 90 дена по секоја сукцесивна испорака и по добивање на фактура од носителот на набавката. Втората, промена, пак се однесува на делот за правни, економски, финансиски и технички информации.

Имено, во текот на постапката бил додаден целосно нов параметар, кој предвидува дека економскиот оператор за да се квалификува мора да располага или обезбеди минимум 5 бензински пумпи на територија на Скопје. Претходно, немало ваков услов.

Kако критериум за избор, пак, е наведена најниската цена, која носи 90 бодови, додека останатите 10 бодови се предвидени за квалитет, кој се однесува на бројот на автоцистерни со носивост од минимум 10.000 литри, преку кои всушност ќе се врши точење на горивото во резервоарите.

УТВРДУВАЊЕ НА ЦЕНАТА

На крајот, на тендерот се јавил само еден понудувач, односно „Пуцко петрол“, кој склучил договор со ЈСП Скопје, каде, меѓу другото, се дефинира и цената, што се прави врз основа на утврдените цени од Регулаторната комисија за енергетика на денот на испораката, при што маржата ќе биде фиксна за цело времетраење на договорот.

Инаку, договорот е склучен на цена од 100 денари за литар без ДДВ, која ЈСП ја дефинирал однапред како параметар врз основа на кој ќе се определи маржата, со цел да се избегнат разликите во единечните цени поднесени од страна на понудувачите во различен ден и недоразбирањата околу важечката цена. Идентична била и понудата на „Пуцко петрол“…

ПРОДОЛЖЕНИЕ НА СОРАБОТКАТА

Практично, ова претставува продолжение на соработката меѓу ЈСП Скопје и „Пуцко петрол“, кои, исто така, и во 2020 година склучија двегодишен договор за набавка на Еуродизел за над 500 автобуси на скопското јавно претпријатие, кој изнесуваше 13 милиони евра. Тогаш, на тендерот се пријавиле тројца понудувачи.

За разлика од тогаш, кога бил склучен договор за набавка на 16.000.000 литри, сега ЈСП и „Пуцко“ склучуваат  повисок договор за 1.500.000 литри помалку, поради растот на цените на нафтата и нафтените деривати. Овојпат, се крати рокот на плаќање, кој сега изнесува 90 дена по измените на тендерската документација, додека пред 2 години договорот бил на 120 дена.

Патем, овој договор доаѓа во време кога ЈСП се соочува со финансиски потешкотии, поради што возачите се кренаа на штрајк, а автобусите два дена не возеа на скопските улици. Барем привремено, овој проблем се реши со интервенција од градскиот советот вредна 2 милиони евра за исплата на плати.

Како што е познато, „Пуцко петрол“ своевремено беше во сопственост на актуелниот пратеник до редовите на ДУИ Исмаил Јахоски, кој пред неколку години фирмата му ја препушти на синот Асмир Јахоски. Освен што се занимава со трговија со нафтени деривати, „Пуцко петрол“неодамна ја откупи и локацијата кај „Алумина“, каде се чека урбанистичкиот план за да почне изградба на станбени и деловни објекти.

Влатко Стојановски

Поврзани новости