За време на ковид пандемијата до Државниот санитарен и здравствен инспекторат пристигнале 126 преставки од семејства на починати од ковид 19, кои сметаат дека нивните блиски починале поради лекарски грешки.
Од вкупниот број пристигнати преставки, формирани се стручни надзори за целиот пат на лекувањето од почеток до крај на 27 пациенти, како и 132 вонредни инспекциски надзори за сите млади починати, со што само на масата на министерот за здравство Венко Филипче се испратени документи од направени 96 стручни надзори.
„Во тековната 2020 година имаме постапено по 65 преставки кои се однесуваат на одредби од Законот за здравствена заштита. За 13 поднесоци е иницирано формирање на комисија за стручен надзор до министерот за здравство.
Во тек на 2021 година (за период јануари-јули) постапено е по 59 претставки и иницирани се 14 стручни надзори. За втората половина од 2021 година, зборниот извештај за добиени претставки ќе биде изготвен во почетокот на јануари, 2022 година“, се наведува во одговорот од ДСЗИ.
Сепак, на крај за завршницата од стручните надзори до Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема повратни информации од министерот, со оглед на тоа што тој нема законска обврска да ги даде.
Досега во јавноста нема официјални информации што откриваат Комисиите по завршувањето на стручните надзори.
СЕ ПЛАЌААТ ИЛИ НЕ КОМИСИИТЕ
Единствено е познато дека по иницијатива на ДСЗИ беше сменета директорката на Охридската болница, за непружање соодветна здравствена заштита, како и директорите на Центарот за јавно здравје во Велес поради не следење протокол на контакти за време на пандемијата.
Нашите извори уште тврдат дека сите Комисии за стручни надзори досега биле плаќани околу 5.000 денари од министерството за здравство, само за време на мандатот на Филипче не се плаќаат.
Неговата служба за односи за јавност во кратка изјава за „Фокус“ потврди дека тие комисии работат без пари.
„Комисиите кои вршат стручен надзор не се плаќаат“, истакнаа од министерството.
ОД ЗДРАВСТВО НЕ ПРЕПРАТИЈА ВО ЛЕКАРСКА КОМОРА
„Фокус“ вчера испрати уште неколку прашања до министерството за здравство, кои не само што не дадоа никаков одговор за стручните надзори кои се извршуваат, туку не упатија за тоа одговори да побараме во Лекарската комора.
„МЗ најчесто барањата за стручен надзор, за пациенти починати со ковид, ги испраќа до Лекарска Комора“, беше краткиот одговор на ресорното министерство.
Но, тоа што е чудно во целата приказна е како Лекарската комора е задолжена за тоа, кога на крај министерот за здравство го има главниот збор?
Според нашите информации, постои цела процедура додека се формира Комисијата за стручен надзор. Откако ќе биде одлучено дека за смртта на некој пациент ќе биде формирана Комисија, во неа влегуваат од пет до седум доктори од скопските клиники во зависност од случајот, како и правник од министерството за здравство. Тие се должни од рок од осум дена од денот на завршувањето на надзорот, извештајот да го достават до првиот човек во здравство.
„Фокус“ поразговара со неколку лекари, кои досега биле дел од комисиите со стручен надзор и кои тврдат дека редовно се соочуваат со огромен притисок и закани од сите страни.
„Наша работа е да го провериме целиот пат на лекување на еден пациент од почеток до крај. Во меѓувреме сме под постојан притисок, штом од семејствата, што од институциите. Не е воопшто лесно, а за тоа никој не не плаќа, раскажува револтиран лекар.
Досега во земјата се направени вкупно 1.512.496 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 220.467, бројот на оздравени пациенти е 207.238, на починати е 7.778, а бројот на активни случаи изнесува 5.451.
Ирена МУЛАЧКА