Европската комисија денеска предложи активирање на Директивата за привремена заштита на украинските бегалци, со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование.
-Европа стои до оние на кои им е потребна заштита. Секој што бега од бомбите на Путин е добредојден во Европа. Ќе обезбедиме заштита за оние кои бараат засолниште и оние кои бараат безбеден пат до дома, изјави шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Сите граѓани на Украина и лицата кои се населиле во Украина, како и членовите на семејствата на прогонетите ќе имаат право на заштита низ Европската унија.
Неукраинските државјани, лицата без државјанство кои легално престојуваат во Украина и не можат да се вратат во нивните земји на потекло, како што се барателите на азил и оние на кои им е одобрена меѓународна заштита и членовите на нивните семејства, исто така ќе можат да добијат заштита во Европската унија.
Според оваа Директива, оние кои легално живеат во Украина и можат да се вратат во своите земји нема да можат да добијат заштита во ЕУ.
За предлогот утре ќе разговараат министрите за внатрешни работи на земјите-членки, а штом ќе бидат одобрени украинските бегалци, тие ќе можат да останат во ЕУ една година, која може да се продолжи на три години, освен ако ситуацијата во Украина се подобрува.