Колку чини мерката бесплатен јавен превоз и кој ја плаќа сметката?

Со оглед дека ЈСП Скопје работи со загуба, мерката за бесплатен јавен превоз се покрива од буџетот на Град Скопје.

by Fokus

Кога аерозагадувањето е високо, прва мерка по која посегнуваат градските власти е бесплатен јавен превоз, како што впрочем се случи и деновиве, што создава дополнителен товар врз скопското Јавно сообраќајно претпријатие, кое со години работи со загуби, особено по избивањето на пандемијата, кога драстично опадна бројот на патници.

Според официјалните податоци од финансиските извештаи, ЈСП Скопје во првата половина на изминава 2021 година бележи вкупни приходи во износ од 627.519.000 денари и вкупни расходи од 766.601.000 денари, што значи дека остварило загуба од 139.082.000 денари.

Сепак, на крајот сметката за мерката бесплатен превоз повторно ја плаќаат граѓаните преку буџетот на Град Скопје, кој со одлука на Советот му исплаќа на ЈСП Скопје субвенции за покривање на трошоците за бесплатен превоз во денови на алармантно загадување, како и за бесплатен превоз за возрасни лица.

Како што велат за Фокус од скопското јавно сообраќајно претпријатие, средствата за бесплатниот превоз, во време кога е регситрирано високо ниво на аерозагадување, се исплаќаат по издадена фактура кон градот Скопје, поради што во моментот не знаат колкав ќе биде трошокот.

-Во текот на минатата 2020 година, за оваа мерка беа исплатени 20 милиони денари , ни одговорија од ЈСП.

Сепак, треба да се има во предвид дека минатата година имаше карантини поради ковидот и намалено загадување поради временските услови.

Бидејќи деновиве повторно беше актуелно прашањето за бесплатен превоз за пензионерите, од ЈСП велат дека постои веќе активна мерка, според која годинава Градот за ЈСП издвоил 40 милиони денари за бесплатен превоз за возрасни лица и студенти.

За споредба, во 2020 година биле издвоени 100 милиони денари за бесплатен превоз за возрасни лица и студенти, а истата сума била одвоена и во 2019 година.

Од Град Скопје не одговорија на пршањата на „Фокус“ дали и колку пари се предвидени во новиот буџет за бесплатен превоз во загадени денови, ниту пак колкава е вкупната месечна сума која се исплаќа за бесплатен превоз на возрасни и студенти кон сите превозници вкупно, на месечно ниво.

ТРИДНЕВНА МЕРКА

Градот пред три дена донесе итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, откако надлежните институции го вклучија алармот дека скопјани, како и жителите на уште неколку градови во Македонија, кои два дена по ред дишат многу загаден воздух.

Скопје во понеделникот се гушеше од смог. Индексот на ПМ 10 штетните честички во воздухот изнесуваше 170, според податоците на светскиот сервис IQAir, кој го следи аерозагадувањето.

Според мерењата, Скопје беше најзагаден европски град и шести најзагаден во светот, а пред него се само градовите Лахоре (Пакистан), Њу Делхи (Индија), Уланбатор (Монголија), Дака (Бангладеш) и Калкута (Индија).

Индексот AQI ги зема предвид концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честички, како и насоката и јачината на ветерот.

Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.

Но, оваа мерка се укина по само еден ден откако беше донесена, со објаснување дека квалитетот на воздухот се подобрил.

Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП, но и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежните активности, беа дел од итните мерки се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.

-Подобрувањето на состојбата во однос на загаденоста на воздухот значи и прекин на бесплатниот јавен превоз во градот Скопје. Оваа мерка е дел од пакетот интервентни мерки во деновите кога е енормно аерозагадувањето, реагираа од Град Скопје.

Според Градот, срамни се обвинувањата од СДСМ дека градоначалничката Данела Арсовска со своја одлука го укинала бесплатниот јавен превоз.

СТАРА МЕРКА ОД 2017 ГОДИНА

Од владеачката партија ја прашаа Арсовска дали смета дека со мерка која трае 1 ден го решила аерозагадувањето во главниот град?

-Нема друго логично објаснување зошто Данела ги укинува мерките за спречување на загадувањето на воздухот во Скопје, а нема ниту дополнителни мерки. Арсовска за три пати го намали буџетот за Секторот за животна средина, ги намали и средствата за субвенционирање на трошоците за набавка на инвертори, соопштија од „СДСМ“.

Инаку оваа мерка ја воведе претходниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, и се применува од 2017 година.

Соња Танеска

Поврзани новости