Главниот контратерористички проблем на Македонија во 2021 година беа враќањата на странските борци од Сирија и Ирак, се вели во најновиот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот за 2021 година. Според извештајот, заканата од терористички напади во земјава е „просечно висока“ или средна.
Во Македонија, како и во Србија, Косово, Албанија и Грција, во 2021 година не се случиле терористички инциденти.
Враќањето на странските терористички борци во Северна Македонија, а такви активности се забележани и во Косово, претставува проблем „со оглед на можноста овие лица да реализираат насилни екстремистички ќелии, планови за напад и да радикализираат други лица“.
Според Националната комисија за борба со насилниот екстремизам и тероризмот, околу 143 граѓани на Македонија (исклучувајќи деца) во изминативе неколку години патувале за Сирија, Ирак или во двете земји да се вклучат во терористички групи. Од нив, 133 лица се мажи, десет се жени, 38 биле убиени, 79 се вратени, петмина се верува дека останале во Сирија и двајца се во затвор во бегалски камп. Додека, пак, 16 лица, 11 мажи и пет жени, се репатрирани, а тројца биле депортирани од други земји.
Заканата од терористички напади Северна Македонија е означена на ниво „просечно висока“ или средна, во време кога членовите на ИД и симпатизери се присутни во земјата.