Претседателот на Советот на јавните обвинители Ацо Колевски рече дека лично нему никој не му вршел влијание во однос на денешниот избор на јавни обвинители, а ниту пак некој од членовите на Советот кажал дека му било вршено влијание од политички партии.
Тој изрази задоволство бидејќи денешната седница поминала во најдобар ред, но, како што рече, за да помине така требало претходно да се сублимираат податоците на кандидатите, односно да се направи преглед за нивното движење во кариерата како јавни обвинители, за нивниот стаж и за добиенитете оценки, со цел сите членови на Советот да имаат увид во нивното работење.
-Најпрво беше изготвено оценување од страна на вишите јавни обвинителства и оценките ни беа доставени во јануари. Советот имаше два месеци да ја изврши подготовката за оваа седница и да ја донесе одлуката. Така да целиот овој период од шест или осум месеци застојот не беше кај Советот, туку требаше да биде спроведена законска постапка за да биде извршен избор затоа што законот бара да се изврши оценување, изјави Колевски по денешната седница.
Истакна дека негова цел како претседател на Советот на јавните обвинители е да бидат избрани сите кандидати за кои се предвидени места во огласот, осносно пет јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје и пет во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Потсети дека Советот е составен од четворица членови кои ги делегира Собранието, шест се од редот на јавните обвинители во јавните обвинителства, а член по функција е државниот јавен обвинител.
-Така што не е само во рацете на јавните обвинители донесувањето на одлуката, туку по законот се делегираат и луѓе од страна кои не се јавни обвинители и кои полноправно учествуваат во изборот, рече Колевски.
Од самиот избор, како што истакна, може да се види дека голем број од членовите дадоа предност на кандидатите кои имаат поголем стаж како јавни обвинители во јавните обвинителства но, како што додаде Колевски, само еден кандидат не помина токму поради овој принип по Бадинтер, односно не доби мнозинство гласови од заедниците кои не се мнозинство.
Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Сашо Рајчев, Наум Пановски и Снежана Бундалевска – Георгиевска на денешната седница на Советот на јавни обвинители беа избрани за обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Советот за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје ги избра Лиле Стефанова, Артан Ајро, Трајче Пеливанов, Наташа Поп Трајкова и Катерина Коларевиќ.