Платежната картичка ги опфаќа невработените, активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош. Тие ќе добијат парична поддршка од 9.000 денари, вработените лица кои имаат месечни примања помали од 15.000 денари ќе добијат на домашните платежни картички 3.000 денари, а исто и младите лица од 16 – 29 години.
Ова е една од мерките на Владата со цел да им се помогне финансиски на граѓаните во време на корона-кризата.
„Средствата од домашната платежна картичка „Купувам домашно“ ќе можат да се потрошат за купување на македонски производи и услуги а со тоа индиректно се помага на домашните компании“, рече Кирил Колемишевски, претседател на Комисијата за економија на СДСМ.
Тој додаде дека младите ќе добијат и 6.000 денари за покривање на трошоците за сместување или партиципација како помош во нивото образование.
„Дополнително, околу 7 до 10.000 млади добиваат и ваучери за кофинансирање за стекнување на ИТ вештини, обуки, тренинзи и курсеви, кои ќе посетуваат академии за вакви вештини, со цел полесно да најдат работа и бидат поконкурентни на пазарот на трудот“, рече Колемишевски.
Издавањето на платежната картичка ќе биде од 3 јули со рок за искористување до 31 јули.