Колеле јагниња во градинка, Анима Мунди бара институциите итно да реагираат!

by Fokus

Вработени во детска градинка во Делчево колеле јагниња во дворот на истата, а потоа имале заедничка гозба по повод празникот Велигден, известуваат од Здружението за заштита на животните Анима Мунди, кои сметаат дека колење на јагниња во градинка е немилосрден чин.

Апелираат до Агенција за храна и ветерина, како и до Министерство за труд и социјална политика итно да реагираат по повод случајот.

-Откако колење на јагниња во градинка е прифатливо, нормално, не постои веќе ништо што би можело да не изненади во оваа недојдија! Вработените од градинката Весели Цветови во Делчево, оние што треба да ги научат најмалите на љубов и емпатија ги изложуваат на немилосрден чин и ова го нема во ниту едно нормално и развиено општество. Ги повикуваме АХВ и МТСП итно да постапат, ова е мачење на животни, траумирање на деца, нормализирање на чин на колење и се останато што не доликува на вработени во воспитно образовна институција-наведено е во нивната реакција.

Од здружението исто така доставија и фотографии од колењето и од гозбата потоа, кои вработени во градинката ги објавиле на профилот на истата, со желби секогаш така сложно да се собирале и да си прославувале.

Вики Клинчарова

Поврзани новости