Одговорноста мора да биде индивидуална со посочување на оние што се огрешиле пред законот. Колективна одговорност не може да има.
Ова го изјави претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, по најавите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Советот и реформи во делот на изборот на неговите членови.
-Може да се предизвика штета со оглед на тоа што институциите мора да го имаат својот континуитет. Мора да се работи на подобрување на законските решенија, онаму каде што се гледа дека има одредени проблеми. Меѓутоа, колективна одговорност не може да има. Одговорноста мора да биде индивидуална, со посочување на оние што се огрешиле пред законот – вели Димитриевска.
И претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пред два дена рече не ја поддржува тезата на колективна одговорност и смета дека таа треба да биде детектирана и санкционирана индивидуално.