Редно е еднаш засекогаш да им плесне во лице: „Доста ифтирии. Стара мома ќе останам, ама честа и образот не ги продавам“! Ама, како да го стори тоа? Статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со најновиот негов исцедок (JO)VLEN, се од исто посеано, про’ртено и буѓосано семе, кои ја контаминираат почвата. Ете, затоа Македонија не ја бива. Не поради друго!
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Народ со кусо паметење. Заборав што го убива трајното сеќавање за реалната стварност. Пандемија на социо-ментален синдром, кој трае повеќе од три децении.
Стројничката Урсула повторно дојде да ја армасува Македонија. Да продава ифтирии дека проширувањето на ЕУ-фамилијата е врвен приоритет, само адет било невестата пред тоа да се обесчести. Без перис на уста, лафеше дека не смее да остане вирго интакта!
Доаѓаа и претходно сватови и стројниците Меркел, Хан, Могерини, Венс и Меј, кои убедуваа дека Фамилијата е со Македонија, само треба да го заборави минатото и да ја зграпчи иднината.
СТРОЈНИЦИ
Стројниците прекрасно знаат дека без минато нема сегашност, ниту иднина, ама за невестата Македонија тоа не важи. Според нивниот рецепт, таа минатото треба да го даде мираз на соседите. Бугарите да ги ќефлоса со идентитетот, историјата и јазикот, како што на Грците им го шитна името.
Редно е еднаш за секогаш да им плесне во лице: „Доста ифтирии. Стара мома ќе останам, ама честа и образот не ги продавам“!
Ама, како да го стори тоа? Статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со најновиот негов исцедок (JO)VLEN, се од исто посеано, про’ртено и буѓосано семе, кои ја контаминираат почвата. Ете, затоа Македонија не ја бива. Не поради друго!
Оние што не се сеќаваат на минатото, осудени се да го повторуваат. Да си тераат од почеток. „Како и досега“, што би рекол поранешниот УЧК(ур) командант со прекар Абаз Џука, односно удбашкиот денунцијант под псевдоним „Аца Антиќ“.
Во таков манир, заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања продолжи да трие лен за да им помине ден. Или, како што неодамна поентираше луцидниот албански премиер Еди Рама, да го трачат времето со теми во стилот, која му била чукунбаба, прабаба, баба или мајка на едикојси народен херој, со кого водела љубов, каков бил идентитетот на прадедото или дедото пред децении или векови, дали е постаро јајцето или кокошката и слични рекла-кажала гачки.
Досега Комисијата усвои препораки за заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски и Цар Самуил, како и по пет препораки за измени во македонските учебници по историја за шесто одделение и за петти клас во Бугарија.
БРИШЕЊЕ НА СЕЌАВАЊЕТО
Важно, премиерот Христијан Мицкоски му честиташе на Бојко Борисов, алијас „Буда“ од жаргонот на службите и со гангстерски прекар „Тиква“ од мутренските времиња, на освоените најмногу гласови на ГЕРБ на последните вонредни парламентарни избори, со уверување дека ќе успее да формира влада, која ќе придонесе во отстранувањето на блокадите на Македонија кон ЕУ.
Чест за дипломатскиот манир и оптимизмот, ама исто како да му честитал на бај Тодор Живков. Заборавил дека Бугарија како Оче наш ја следи живковистичката исцртана линија и никогаш и по никоја цена нема да го признае македонизмот. Македонскиот премиер съзнателно я игнорира тяхната доктрина че „няма такова животно, те са българи“, че „общата история е българска“, а „македонският език е тяхен диалект“!
„Братята“ обаче казват че основният и недвусмислено непреодолим въпрос не е съставянето на ново българско правителство, а този за какво ще бачкат и си приказват членовете на Съвместната комисия по история и образование!
Тоа значи постепено, но сигурно убивање на трајното паметење на фактичката стварност. Создавање колективна амнезија, со креирање идеолошка лоботомија за исчезнување на македонскиот карактер на државата. Деструкција на македонизмот преку наметнување на мултинационалност според формулата на Ванчо Михајлов „Македонија- Швајцарија на Балканот“. Или, пак, сите заедно. Три во едно!
Тажно е бришењето на сеќавањето. Минатото исчезнува, а иднината е неизвесна – тогаш за што се живее? Колективната амнезија резултира со заборав на идентитетот, историјата и јазикот или, во најдобар случај, да биде фуснота во меморијата на најновите генерации „Зед“ и „Алфа“, родени по 1995 година.
Нема ништо пострашно од националната амнезија, особено колективната!