Министерството за здравство на Фејсбук сподели документ во кој има сериозни обвинувања за доктор Нико Беќаровски дека наводно ги навредувал вработените по национална основа.
Следуваше реакција, најпрво од докторот Беќаровски, а сега и од колегите од Клиниката кои имаат засновано работен однос на неопределено време.
Тие со потпишана изјава ги демантираат наводите на колегите Албанци кои имаат истечени договори и не се повеќе вработени на Клиниката дека Беќаровски упатувал навреди кон Албанците.
„Ние, вработените од УК за токсикологија со редовен заснован работен однос на неопределено време во целост ги демантираме наводите изнесени со изјава од 26.04.2024 година на групи лица без статус на вработени во клиниката, а кои се однесуваат за наводно кажани навреди против Албанци од проф. д-р. Нико Беќаровски.
Најостро реагираме и ги демантирамо информациите изјавени во неколку медиуми од Министерство за здравство и сме должни на јавноста да појасниме дека било какви навреди или притисоци на Албанци кои претходно беа ангажирани со договор за дело од страни на проф. д-р. Нико Беќаровски не се упатени.
Доктор Нико Беќаровски е врвен професиналец кој повеќе од 10 години работи ургентна медицина и спасува човечки животи без разлика на етничката припадност или припадност на политичка партии, па поврзувањето неговото име со вакви невистини за политички цели е скандалозно и некоректно и поттикнува нетрпение по национална основа“ – стои во изјавата на која има потписи од вработените на Клиниката.