Вчера во Албанија се одржаа локални избори, а довербата градоначалник на општина Пустец да биде повторно ја доби Пали Колефски, кој и во изминатите четири години беше на чело на општината. Тој на Фејсбук се заблагодари за поддршката и порача дека „Преспа ќе продолжи да живее”. Рече дека жителите на општина Пустец го избрале најдоброто.
„Драги мои, прво да ви се заблагодарам на огромната и безрезервна поддршка на овие избори. Продолжуваме со макотрпна работа, продолжуваме да работиме за општина Пустец да стане уште подобро место за живеење. Оваа победа не е само моја, оваа победа е ваша, оваа победа е за сите нас заедно. Уште еднаш ви благодарам од се срце“ – напиша Колефски на ФБ.
Првичните информации покажуваат дека за Колефски гласале 63,8 отсто, а за неговиот противкандидат Панди Јани 36,2 отсто.
Пали Андон Колефски (43) на изборите беше кандидат на Социјалистичката партија, поддржан од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Панди Таќо Јани (31) беше кандидат на Партијата на слободата која ја предводи опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме”.