Јавната обвинителка Катерина Коларевиќ го соочила осомничениот геенрален секретар кој поднесе оставка, Мухамед Зеќири со аргументите кои ги бара Законот за кривична постапка и сега останува судот да одлучи по барањето. Таа посочи дека немаат доказ во формална смисла дека тој планира бегство, но, како што рече, „постои сомнеж“.
– Тоа се оперативни сознанија кои што се изнесени од страна на судот, доколку судот ги прифати ќе ви бидат соопштени, ако не ги прифати, повторно ќе објасни зошто не ги прифати, рече Коларовиќ.
Во однос на двајцата осомничени хрватски државјани, таа рече дека оперативните сознанија од Министерството за внатрешни работи се дека ја имаат напуштено територијата на РСМ, меѓутоа судот има доставено наредба за приведување.
– Дури откако ќе добие официјален податок по наредбите, ќе има доказ дали се тука или не, посочи Коларовиќ.
Истакна дека станува збор за штета од околу 57 милиони денари за кои во моментов не знаат каде се, ниту дали се надвор од државава.
– Не можеме да кажеме каде се парите во моментов. Истрагата е започната во текот на вчерашниот ден, сето она што беше обезбедено како документација е во тек на предистражна постапка која се одвиваше неколку месеци претходно, рече таа, посочувајќи на Управата за финансиско разузнавање која што, како што рече, се обидува да ја утврди трагата како се движеле парите.
Обвинителката рече дека очекува судот да го прифати предлогот, а во однос на тоа дали може истрагата да се прошири и на други лица, рече во овој момент не, меѓутоа, дека истрагата е започната и дека не се знае што може да произлезе како доказ.
Претходно, судија на претходна постапка, од Кривичниот суд – Скопје, издаде наредба до надлежната полициска станица за спровод на Мухамед Зеќири, но тој во судот пристигна сам во придружба на својот адвокат.