Кокаин најден во Белата куќа, евакуирани вработените

by Fokus

Белата супстанца што предизвика итна евакуација во Белата куќа во неделата навечер, е позитивна на кокаин, објавија американските медиуми.

Супстанцата била пронајдена во работната површина во обезбедената зграда за време на рутинска проверка, соопшти американската тајна служба.

Прелиминарниот позитивен тест го објавија „Вашингтон пост“ и „АП њуз“, цитирајќи извори од органите на редот.

Претседателот на САД Џозеф Бајден и неговото семејство беа во резиденцијата на Кемп Дејвид кога беше пронајдена супстанцијата во Белата куќа.

„Комплексот на Белата куќа беше затворен како мерка на претпазливост околу 20:45 часот по локално време во неделата, откако службениците на Тајната служба го пронајдоа белиот прав во работната површина на Западното крило“, изјави портпаролот на тајната служба Ентони Гуглиелми за Би-Би-Си.

Гуглиелми рече дека пожарникарската служба била брзо повикана и утврдила дека супстанцијата е неопасна.

Тој не ги потврди прелиминарните резултати од тестот, велејќи дека предметот е испратен на дополнително тестирање и дека истрагата е во тек, вклучително и за тоа како супстанцијата влегла во Белата куќа.

Западното крило е голем дел од Белата куќа на повеќе нивоа што ги содржи канцелариите на претседателот на Соединетите Држави, вклучувајќи ја Овалната соба и просторијата за ситуации.

Во него се сместени и канцелариите на потпретседателот, шефот на кабинетот на Белата куќа, секретарот за печат и стотици други вработени кои имаат пристап.

Поврзани новости