Уставниот суд веќе втора година наместо со деветмина работи со пет уставни судии, откако на четворица им истече мандатот.
Досега беа закажани неколку седници за утврдување на предлозите, но сите поминуваат во тензична и напната атмосфера.
Во новите прекројувања, во Комисијата за избори и именувања се петмина членови се од СДСМ, односно коалицијата, двајца од ДУИ, пет членови се од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Алијанса на Албанците. Со гласовите на ДУИ, владејчката СДСМ има мнозинство да ги изгласа своите кандидати, но и опозицијата има можност да го блокира, односно, да го одолговлекува утврдувањето на кандидатите за уставни судии, кои потоа треба да се изгласаат на пленарна седница.
Пред неколку денови, членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, со седум гласови „за“, пет „против“ и без воздржани, ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева да биде предлог судија на Уставниот суд.
Но, која е всушност Васиќ? За разлика од дел од другите кандидати, таа е анонимен лик, која не е позната во јавноста. но, дали е толку анонимна и во круговите каде што претходно работела? Слободно можеме да кажеме дека години наназад таа „палеше и гасеше“ во министерството за здравство.
Иако, сега како предлог за уставен судија доаѓа од министерството за правда, каде што работи како државен советник за граѓанско законодавство, сепак нејзината богата биографија е со долг стаж во здравствениот сектор, а додека претходно работела и во финансии.
Нејзината кариера вртоглаво растеше, така што таа го имаше највисокото звање на државен службеник, а во меѓувреме беше член на повеќе Управни одбори и комисии, од каде што земаше дополнителни хонорари.
Иако, Васиќ во моментот е предлог на владејачката гарнитура, сепак таа пред неколку години беше на листата на државни советници на поранешениот прв човек во здравството Никола Тодоров.
Таа во рок од неколку години вртоглаво напредува во кариерата, така што во тој период беше и претседател на Управниот одбор на Медицинскиот симулациски центар и член на Управниот одбор на Центарот за традиционална кинеска медицина. За сите овие брзорастечки позиции, Васиќ зема дополнителни хонорари. Таа, исто така беше именувана и како член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лекот.
Освен тоа, дел од директорите со кои разговараше „Фокус“ тврдеа дека нејзината моќ во министерството за здравство била толку голема, така што сите битни работи оделе преку неа или се чекал нејзин потпис.
Васиќ остана во министерството и по доаѓањето на Филипче, можеби не на истата позиција, но сепак таму беше се додека не отиде да работи во министерството за правда во периодот кога со него раководеше Рената Дескоска.
После тоа, повторно се враќа како специјална советничка на Филипче во здравство.
Откако ќе заврши целата процедура на Комисија, тогаш предлозите за уставни судии се гласаат на собраниска седница. Нивниот мандат трае девет години.
Ирена Мулачка