Радмила Шекеринска во објава на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте.
„Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша таа.
Со ова назначување таа стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
Инаку, Радмила Шекеринска влегува во политиката уште за време на студиите и е активна во Социјалдемократската партија, една од двете најголеми партии во државата, каде што има високи функции, а во еден период е избрана за лидер.
На 26 години за прв пат станува пратеничка во македонското Собрание и освојува уште три мандати. Во насилствата во Собранието на „крвавиот четврток“ на 27 април 2016, Шеќеринска беше и повредена.
Беше и на две министерски позиции, за одбрана и вицепремиер и министер за евроинтеграции.
Радмила Шекеринска беше првата жена која застана на чело на една од најголемите политички партии во земјава, Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) од 2006 до 2008 година .
Кусо ја водеше и македонската влада, како вршител на должност од 18 ноември до 17 декември 2004, откако тогашниот премиер Хари Костов поднесе оставка на функцијата.
Како нејзин најголем успех се сметаше подготовката на Северна Македонија за време на нејзиниот мандат како вицепремиер за евроинтеграции, да ја поднесе кандидатурата за членство во Европската Унија во 2005 година.
Како лидер на Социјалдемократите Радмила Шекеринска беше и кандидат за премиерка на вонредните парламентарни избори во 2008 година, но не успеа да го победи тогашниот актуелен премиер Никола Груевски.
„Биди јунак како што велиш дека си, немој да бегаш од женски фустан“, му порачуваше Шеќеринска во еден од највпечатливите изборни спотови во тогашната кампања предизвикувајќи го Груевски на дуел.
Тогаш таа и СДСМ ја предводеа „Коалицијата за Европа – СОНЦЕ“, но изгубија освојувајќи околу 233.000 гласови или повеќе од двојно помалку од коалицијата предвоена од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
52- годишната Шекеринска е дипломиран електроинженер и и 4 години работела како професор на Електротехничкиот факултет во Скопје. Но сепак избира да се посвети на политичката кариера. Во меѓувреме магистрирала во престижната американска школа за дипломатија и право „Флечер“ во 2007-мата година.
Во моментов е член на претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.
Таа во 2009 и 2012 година беше Шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарни избори во Киргистан и во Ерменија.
Социјалдемократката е добитник и на наградата „ Глобални водачи на утрешнината “ на Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан.
Во едно интервју по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“.
„Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување“, рече Шекеринска, наведува „Политико“.
Таа во интервју на 18 мај 2022 година, истакна дека тезата дека Русија ја нападна Украина, бидејќи НАТО ја „измамил“ со проширувањето на исток е неверојатно „плитка“ и неаргументирана.
„Ајде да бидеме директни: НАТО не се прошири кон Источна Европа како дел од некој „злокобен западњачки план“. Напротив, иницијално големите НАТО членки немале особен апетит за проширување. Главниот притисок доаѓал од „ново-слободните“ држави кои потенцирале дека суверенитетот, меѓу останатото, значи и слобода сам да ги избереш своите сојузници. Земајќи ја предвид историјата на тој дел од Европа, не знам кој би се зачудил на нивната одлука да бараат членство во најмоќниот воено-политички сојуз, кој би можел да ги заштити и од повторна руска агресија“, рече Шекеринска во интервјуто за „Вистиномер“.
Радмила Шеќеринска се очекува да ја преземе функцијата во НАТО во почетокот на декември и да присуствува веќе на следниот министерски состанок на Алијансата.