Која е процедурата, но и должностите на полицијата: Не само жртвите, туку и сведоците на семејно насилство да ги пријавуваат случаите!

by fokus

Секоја трета жена во Македонија преживеала некој форма на родово базирано и/или семејно насилство, покажуваат истражувањата, а статистиките укажуваат на бројка од 1.500 новоевидентирани жртви на насилство секоја година, но оваа бројка е приближно само 2% од реалните случаи на насилство во нашата држава.
Половина од жените биле жртви на насилство од интимен партнер, секоја втора жена е жртва на психолошко насилство, а една од 7 жени е жртва на физичко или сексуално насилство, беше истакнато лани, на настанот ,,Здружени против родово базирано насилство”.

Но, и покрај големиот број на настани и кампањи со цел да се превенира насилството врз жените, трендот на физички напади врз жените продолжува, а билтените на МВР секојдневно сведочат за низа на такви случаи.

Не е за занемарување и бројот на случаи кога семејното насилство завршило со фемицид, со убиство на жената, најчесто од страна на нејзин партнер, сопруг, поранешен партнер…
Последниот случај во земјава беше регистриран во Куманово, минатата недела, кога 46-годишен маж ги закла својата сопруга и нејзината мајка, а потоа се самоуби. Додека траел масакрот, нивното осум-годишно дете било затворено во другата соба во домот, и очајно молело за помош.

По кумановската трагедија се отворија многу прашања околу превенцијата на семејното и родово базирано насилство, посебно околу тоа дали институциите умеат да се справат со овие случаи и да ги превенираат, но и дали има добра координација помеѓу институциите и центрите задолжени за помош на жртвите.

Десет години траела агонијата на убиената жена од Куманово, и во изминатата деценија нејзиниот сопруг добил пет кривични пријави за семејно насилство кое го вршел врз неа.
Во минатото бил осуден само на условна затворска казна од три месеци, поради претепување на сопругата и нејзината мајка, а му била изречена и привремена мерка, во траење од шест месеци, односно забрана за приближување до жртвата на растојание помало од сто метри.

Долгата историја на насилство во ова семејство, која заврши со трагедија, ги поттикна јавните дискусии околу тоа дали овој случај можел да се спречи, но и дали доволно сериозно им се пристапува на пријавените случаи со семејно и родово насилство. Токму недовербата во институционална помош и соодветна поддршка, најчесто резултира во непријавување на случаите, а ,,Фокус” побара детали околу тоа како течат постапките кога жртвите се охрабруваат и го пријавуваат семејното насилство, и кои се должностите на полицијата по добиената пријава.

За процедурата која ја минуваат жртвите кои се охрабриле да го пријават насилникот, но за надлежностите на полицијата во такви случаи, детално појаснуваат од СВР Велес, потенцирајќи дека МВР учествува во спроведувањето на активности кои се имплементираат во рамките на кампањата „Има помош за живот без насилство“, а превенцијата е една од клучните надлежности на институциите кога станува збор за овој вид насилство.

-Полицијата е должна да постапи по секоја пријава за родово базирано насилство врз жена и семејно насилство без оглед дали е добиена по телефон, примена на Записник за примање на пријава во службени простории
на полиција, пријавено од трето лице (роднини, пријатели, соседи и сл), од медицинска установа за примено лице со повреди или преку известување добиено од друга институција (Центар за социјални работи, воспитно образовни институции и други) или невладини организации/здруженија на граѓани- појаснуваат од СВР Велес, на чија територија со цел да се поттикнат жртвите, но и сите сведоци на насилство, да пријават и побараат помош, со споведувањето на кампањата ,,Има помош за живот без насилство”, многумина се охрабриле и пријавиле случај.

Додаваат дека секогаш кога се пријавува по телефон постапката се состои во задолжително излегување на лице место од страна на полицијата со цел да се спречи насилникот да продолжи со вршење на насилството и да се
обезбеди помош на жртвата и членови на семејството.

-Во случаи кога пријавата е дадена во полициска станица или е примена од друга установа се преземаат истите мерки како и кога станува збор за акутно насилство, односно полицијата е должна да направи соодветна
проценка на ризик во која се утврдува:
– состојбата и околностите во врска со моменталното пријавеното насилство ,
– историјата на насилството (дали претходно се случувало насилство, дали има претходно изречени заштитни мерки за сторителот и слично)
– интензитет на насилството (зачестеност на насилството, закани кон жртвата или членови на семејството со насилство и/или со оружје или орудија погодни за напад, пристап на сторителот до оружје, особено
огнено оружје, изолација на жртвата -заклучување, забрана да излегува, забрана да контактира со пријатели и роднини, контролирачко однесување врз жртвата, прогонување, следење, демнење, дали демнењето е проследено со закани или со активно физичко насилство, закана за убиство, обид за давење, присилба да направи нешто што е
спротивно на волјата на жртвата);
– проверки во евиденциите на полицијата (дали лицето поседува
огнено оружје, дали е пријавуван за други кривични дела и сл.)

По извршената проценка на ризик, а најдоцна до 12 часа од интервенцијата на настанот, од страна на полициските службеници се изготвува полициски извештај за извршена интервенција по пријава за родово базирано насилство врз жените и семејно насилство.

Во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството,
полицискиот службеник од надлежната организациска единица за криминалистички работи веднаш, а најдоцна 12 часа, по изготвување на проценката на ризик и полицискиот извештај до надлежниот суд
доставува предлог за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, без согласност на жртвата.

Доколку жртвата го напуштила домот (да пријави во полициска станица, упатена за укажување медицинска помош или други причини), а има потреба да се врати во домот за да си земе лични работи, полициските службеници се должни да и обезбедат придружба до нејзиниот дом, со цел да и ја гарантираат безбедноста.

Македонското законодавство не го препознава терминот фемицид, па оттаму и не го регулира како посебно кривично дело. Она што е дел од кривичниот законик е основното убиство (член 123), а вршењето на кривичното дело Убиство во семејно насилство е предвидено како отежнителна околност во истиот член, став 2, точка 2.
Со вклучувањето на семејното насилство како отежнителна околност се предвидува потешка казна за сторителот, односно од минимум 10 години до доживотен затвор.

Во случај на фемицид полицијата е должна да ги преземе сите мерки од овластувањата со цел да се обезбеди лице место, да го извести јавниот обвинител, да се лиши од слобода сторителот и да се поднесе соодветна пријава. Во случај кога на лице место има и други членови на семејството (деца, стари и изнемоштени лица, лица кои не можат да се грижат за себе веднаш се известува Центарот за социјални работи со цел соодветно да се укаже помош на истите.

Превенцијата е една од клучните надлежности на институциите кога станува збор за овој вид насилство.
Од тие причини Министерството за внатрешни работи учествува во спроведувањето на активности кое се имплементираат во рамките на кампањата „Има помош за живот без насилство“ која се спроведува во рамки на проектот “Превенција и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија” што го спроведува Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и финансиска поддршка на британската Амбасада во Скопје.

Во рамката на кампањата за порталот Само прашај објаснета е постапката за пријавување на родово базирано насилство, какви мерки за заштита се применуваат и други релевантни прашања со цел да се информираат засегнатите со надлежностите на полицијата- истакнаа од СВР Велес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости