На 85-годишна возраст почина македонската театарска, филмска и телевизиска глумица Катерина Крстева, која меѓу народот беше позната како Мара Попара. Веста за смртта на легендарната актерка со која растеа многу генерации ја растажи јавноста.
Се спомнуваат нејзините значајни улоги во Македонски народни приказни, Поштар, Простодушна љубов, Погрешно време, Битолски лакрдии, Волшебното самарче, Хихириху и многу други. Но, за приватниот живот на Катерина во јавноста се познати многу малку детали. Ведра жена, надарена со огромен талент за хумор, таа и во приватниот живот секогаш ја гледала позитивната страна, иако животниот пат не и бил лесен.
Нејзиниот колега, актерот Гоце Тодоровски, со кого во култната емисија Хихириху со години го засмејуваа народот, за „Фокус“ вели дека со жалење ја примил веста за заминувањето на неговата колешка и пријателка. Раскажува дека во последните години редовно се слушале на телефон, но Катерина си имала свои маки со кои храбро се носела.
-Нашата Кате, нашата Мара Попара… И таа си замина во вечноста. Премногу спомени имаме заедно, ја делевме сцената, ги споделувавме животните радости и таги. Малкумина знаат за нејзиниот приватен живот, за сите беше веселата Мара Попара, на луѓето им остана препознатлива според ликот кој го глумеше. Таа зад себе го остави синот Александар, кого сама го изгледа. Се омажи доцна, сопруг и беше Мишо кој работеше во Макпетрол. Кога остана бремена во Александар, тоа беше во време кога имаше над 45 години, можеби и 50, за сите кои ја знаевме, па дури и за неа самата, тоа беше феномен, на таа возраст да се оствари како мајка. Се роди Александар, му ја даде целата своја љубов, но за жал Мишо почина додека тој беше уште многу мало дете. Кате сама се грижеше за синот, го носеше со неа на сите проби, на претстави, тој порасна заедно со нас, актерите. Ист како неа, со весел дух, беше мило дете – се присетува Тодоровски.
Вели дека сепак, Александар во животот останал сам, нема семејство и живеел со мајка му. Потсетува дека Кате имала многу мала пензија, околу 20.000 денари со кои живееле со синот.
-Знам дека од таа страна се мачеше, се пензионираше кога примањата на актерите беа многу мали, си остана со мала пензија. За да заработи дополнително, додека можеше, одеше низ разни локали заедно со Мешко, имаа скечеви, претстави… Александар еден период се вработи во Макпетрол, но поради одредени причини тоа не траеше долго. Знам дека и сега е невработен, не знам што ќе прави без мајка му која му беше најголема поддршка, и тоа ми е голема грижа. Народот ги знае нашите актери како ликови со кои растеле генерации, кои ги развеселувале со години, кои зад себе оставиле белег на сцената и одиграле многу познати улоги, но актерите си знаат каков живот имаат зад сцената. Факт е дека и покрај тоа што сите ја знаат Мара Попара, Кате живееше многу скромен живот со ниски примања со години наназад- раскажа Тодоровски.
Погребот на Крстева е денес, на градските гробишта во Бутел. Информацијата во врска со комеморацијата за неа, ќе биде дополнително објавена.
Вики Клинчарова