Која беше Илинка Митрева: Црвениот кармин и беше заштитен знак, на синот му даде необично име

by Фокус

Поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, Илинка Митрева, починала вчера, на 72-годишна возраст, соопштија од нејзината партија. Таа беше еден од основачите на партијата, и остана запаметена во јавноста како жена со елегантен стил, чиј заштитен знак секогаш беше црвениот кармин и црната коса со шишки.

Елегантата функционерка беше позната по својот истенчен моден стил, по внимателно избраните комбинации во кои се појавуваше на јавните настани, по одмереноста и по личниот стилски печат. Пошироката јавност ја запозна како пратеничка во Собранието во 1994 година, која беше професорка по француска книжевност, магистар и д-р на Филолошкиот факултет во Скопје, а од 2002 до 2006 година беше министерка за надворешни работи.

За приватниот живот на Митрева е познато дека беше сопруга на сликарот Илија Пенушлиски (75) со кого имаат еден син. Она кое е интересно за нејзиниот син, е тоа што го добил името на својот татко, но и презимето од мајка му и татко му. Тој се вика Илија Митрев Пенушлиски, и работи како адвокат во Париз. Околу одлуката на неговите родители за името, во постаро интервју има раскажано дека ја донеле од практични причини.

-Не само заради тоа што и татко ми и јас го имаме истото име, туку и за да и дадат уште една форма на моќната врска помеѓу двете семејства: моите дедовци, Кирил Пенушлиски и Димитар Митрев, покрај тоа што беа колеги на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, биле и големи пријатели. Сепак, кога би ми се дала можноста да одлучам, без двоумење би го зел и презимето Митрев. Еднакво сум горд на обете презимиња-раскажуваше тој во минатото.

Инаку, неговите дедовци, односно таткото на Илинка, Димитар Митрев беше познат книжевен критичар, есеист и професор на Филозофскиот факултет, а пак таткото на Илија, Кирил Пенушлиски, беше истакнат македонски фолклорист, професор и основоположник на македонската фолклористика.

Синот на Илинка, Илија Митрев Пенушлиски околу 13 години живее и работи во Париз како адвокат, во светска водечка правна фирма. Околу тоа како стигнал таму, во минатото раскажа дека во 1998 година, мајка му го однела таму, за да добие идеја за европската цивилизација пред да замине во Америка, на размена на средношколци.

-Таа живеела неколку години во Париз – Париз е нејзин град. Бев шокиран од убавината на градот, тоа прво патување во Париз останува ненадминато без разлика на тоа колку авиони и возови сум фатил од тогаш-раскажуваше Митрев Пенушлиски.

Изминативе години, Илинка ретко се појавуваше во јавност. Беше забележана на неколку културни настани, односно пред три години се појави во Домот на македонските писатели каде беше организирано чествување на ликот и делото на нејзиниот татко Димитар по повод 100 години од неговото раѓање. Исто така, му беше поддршка на својот сопруг за време на неговата изложба на графики насловена ,,Градот” пред три години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости