Кој учествувал во нападот врз активисти на СДСМ?

Син на кандидат за градоначалник бил дел од групата што повредила двајца активисти на СДСМ додека разнесувале флаери, дознава Фокус.

by Фокус

Партиски активисти на СДСМ синоќа во скопската населба Влае биле физички нападнати од неколку лица, обелодени денеска пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска, посочувајќи дека еден на нападнатите бил повреден со нож, а друг заработил скршена аркада.

Дали причина за ваквиот крвнички напад е овој флаер, на кој е објаснета вистината за оваа локација, односно изградбата на зграда од 16 ката на местото на Кино Влае? Да не дозволиме подземјето насилниците и урбаната мафија да владеат во Карпош – рече Георгиевска.

Воедно, таа додаде дека нападот е пријавен во полиција и веќе е составен записник за настанот. Но, досега ваков случај не е регистриран во полициските билтени, а од МВР ниту го потврдуваат ниту го негираат настанот.

Според неофицијалните информации на Фокус, во нападот пред кафулето Кино Влае учествувале неколку лица, меѓу кои бил и син на актуелен кандидат за градоначалник, кој веќе бил повикан во полициска станица да даде исказ.

КОЈ УЧЕСТВУВАЛ ВО НАПАДОТ И КОЈА БИЛА ПРИЧИНАТА?

Имено, посочуваат добро упатени извори, во групата бил и син на бизнисмен, односно на сопственик на градежна компанија, која веќе подолг период наназад соработувала со Општина Карпош, но и со други јавни органи.

Поточно, додаваат нашите соговорници, тие биле во друштво со лица од Кондово, предводени од човек кој евидентира во полициската евиденција како прекршител на законот.

Инаку, сознанијата говорат дека првично напаѓачите го пријавиле случајот во полиција, но подоцна еден од повредените во болница дал исказ во кој опишал како всушност се случил настанот.

Според него, активистите на СДСМ ставале флаери по сандачиња и автомобили, по што биле пресретнати од групата, биле нападнати и повредени.

В.С.

Поврзани новости