Според последната проценка на САД, постои можност украинска група да стои зад нападот со беспилотни летала врз Кремљ на почетокот на овој месец, за кој Русија тврдеше дека е обид за атентат на рускиот претседател Владимир Путин.
Разузнавачки извори изјавија за Си-Ен-Ен дека собрале разговори меѓу членови на украинската војска и разузнавачки службеници кои сугерираат дека украинските сили за специјални операции ја извршиле операцијата.
Овие разговори и пресретнатите комуникации од руски официјални лица кои ја обвинуваат Украина за нападот и прашуваат како се случил, ги натераа американските власти да ја разгледаат можноста дека украинска група стои зад инцидентот на 3 мај.
Да потсетиме дека во тој момент два дрона летаа кон Кремљ и ја погодија палатата. Русија тогаш објави дека нема жртви или материјална штета.
Сепак, САД не можеа да донесат дефинитивен заклучок кој стои зад овој напад, туку само оценуваат дека Украина е можеби одговорна за инцидентот.
Американските власти не веруваат дека високи украински функционери, како што е претседателот Володимир Зеленски, наредил или дури знаел однапред за нападот.
Според оваа американска проценка, руските власти се сомневале дека Украина е одговорна за нападот. Зеленски претходно ги негираше тие тврдења, наведувајќи дека можеби станува збор за операција „лажно знаме“, односно дека Русија можеби го организирала нападот, што потоа може да го искористи како оправдување за евентуална одмазда.
„Ние не го нападнавме Путин. Тоа го оставаме на судот (во Хаг)“, додаде Зеленски.
Американските власти не веруваат дека тоа било обид за атентат на Путин. Општо е познато дека Путин не поминува многу време во Кремљ и не бил во зградата во моментот на инцидентот, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Сè уште има голем број на можности што американските власти не ги отфрлија, вклучително и дека недржавните украински или руски актери во Русија ја извршиле операцијата.