Предлогот за одржување на референдум околу изградба на депонија во Неготино е уреден, па сега иницијаторите, здружението на граѓани ,,Ековита” ќе започне постапка за собирање на 3.200 потписи.
Потребните потписи ќе започнат да се собираат од утре (четврток), а крајниот рок е еден месец. Но, она што е впечатливо и кое што наиде на реакции од граѓаните е фактот што не сите граѓани ќе можат да си го остварат своето законско право и да ја дадат својата поддршка.
Имено, според иницијаторот, Сашко Тодоров од ,,Ековита”, потребните потписи ќе се собираат во општинската зграда, на третиот кат, во канцеларијата на ДИК, секој работен ден, од 8.30 до 16.30 часот.
Познато е дека во општинската зграда нема лифт, па со самото тоа им се скратува правото на глас на граѓаните кои што поради инвалидитет или поодмината возраст не се во состојба да стигнат до третиот кат. Исто така, стигаат реакции и на времето кога што можат да дадат свој потпис, односно исклучително во тек на работното време, што значи дека голем број на граѓани не се во можност да ги напуштат своите работни места во тој период.
-Апсолутно, на место се забелешките на граѓаните, и ние од ,,Ековита” баравме да се собираат потписите на приземје во општинската зграда, да се ослободи една канцеларија за таа намена. Но, бевме одбиени – за ,,Фокус” појаснува Тодоров.
По повод проблемот кој што предизвика низа на реакции кај неготичани стапивме во контакт со Благоја Стојковски, државен советник во ДИК.
Тој вели дека ги разбира реакциите на граѓаните, но се морало да биде спроведено според закон.
-Службеничката во ДИК Неготино има канцеларија на третиот кат, што значи дека таму е и нејзиниот компјутер со сите потребни податоци. Не може компјутерот и целата технологија да се носи доле. Доколу има едно – две лица со инвалидитет, таа и други службеници ќе им излезат во пресрет и ќе можат да дојдат доле, но сепак, реално, не може во тек на целиот ден да трчкаат горе – доле. Оправдани се и реакциите дека не може секој да земе слободно време и да отсуствува од работа за да даде свој потпис, но таков е законот. Истиот не е променет долг период, ве разбираме, но не можеме да ви помогнеме – ни изјави Стојковски.
,,Фокус” стапи во контакт и со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност, со цел да го слушнеме нивниот став по повод состојбата во Неготино, а претседателот Бранимир Јовановски јасно порача дека локалната самоуправа треба да се заложи да им овозможи на сите лица ист третман и пристап до остварувањето на своето право на глас.
-Со истиот проблем, како што е сега пристапноста на лица со инвалидитет и повозрасни граѓани со цел собирање на потписи за референдум, се соочуваме и за време на локални избори. Непристапноста до избирачките места е голем проблем, се апелира за решавање на проблемот, за адаптација, со цел секој граѓанин да може да си го оствари своето право. Мој предлог, конкретно за Неготино е да се овозможи граѓаните да го дадат својот глас на приземје, да се адаптира простор со цел тие да си го остварат своето граѓанско право и обврска. Имаме многу кампањи и работилници во повеќе градови на оваа тема, локалните самоуправи мора да поработат на овој проблем – потенцира Јовановски.
На социјалните мрежи граѓаните започнаа да го изразуваат својот сомнеж дека некому му смета референдумот, па затоа се бараат начини да се одвратат луѓето од намерата да дадат свој потпис.
За споредба, кога лани во октомври во Кавадарци, на само десет километри од Неготино, компанијата ИГМ бараше пренамена на земјиште од Г2 во Г1, односно од лесна во тешка индустрија, граѓаните сложно порачаа дека здравјето и квалитетниот живот им се поважни од се, без оглед на ветувањата дека нема опасност по здравјето и најавените вработувања на 1.700 лица.
Тогаш беше формирана иницијатива ,,Тешка индустрија дома? – Не, благодарам” и во тек на 25 дена на повеќе локации низ градот се собираа потписи против топилницата.
По собирањето на потписите, Советот на Општина Кавадарци едногласно гласаше против барањето за пренамена на земјиштето, а градоначалникот Митко Јанчев изјави дека по тоа прашање нема повторно да се прегласува или дискутира.
Според реакциите на граѓаните во Неготино, кои ги објавуваат на социјалните мрежи по повод проектот депонија за индустриски инертен отпад, не може да се најде коментар со поддршка. Единствено градоначалникот Тони Делков во две видео обраќања уверуваше дека депонијата е проект кој што не е опасен за граѓаните и околината.
Вики Клинчарова