Кој си Мицкоски ти да апсиш?

Образованието ни е хаос, здравството е во уште поголем хаос, децата останаа неписмени, а луѓе секојдневно умираат по здравствените лавиринти. Е, тоа е приоритет. Премиерот Мицкоски нека го остави правосудството на експертите, а тој нека си ја врши работата за која седна на Илинденска. За да не се враќаме пак на времето на Груевски. Сакаме да го заборавиме тоа време и таа диктатура!

by Fokus

ПишуваИрена МУЛАЧКА

Веќе една недела, премиерот Христијан Мицкоски како лента на секоја прес-конференција или изјава за медиумите тврди дека почнува голема акција против судиите и обвинителите што ја спречуваат правдата. Го кажа еден ден, па пак го повтори следниот ден, па не остана должен и третиот ден и да не заборавиме, истото го вергла и четвртиот ден. Мора да ги заплаши, да им втера страв во коските.

Мислам ништо не е чудно тоа со ВМРО-ДПМНЕ, ако се навратиме една деценија наназад, па да се потсетиме како апсеа во тој период, сѐ што не им е по ќеф, сѐ што не е нивни истомисленик, патриот или, пак, не се согласува со нивните политики. Си одлежаа многумина во црни темни зандани – и кој треба, па и кој не треба.

Сепак, јас, пак, на момент се понадевав дека ова „новото“ ВМРО е поразлично од ВМРО-то на Никола Груевски. Ама, како тргнаа нешто, сакала или не, пак ме враќаат наназад, де со лопатите, де со патриотската агенда, де со најавите за апс.

Е, сега да се вратиме малку во реалноста. Сите сакаме, барем повеќето, во државава да владее слобода и правда. Секој што се огрешил пред законот, треба да си одговара и нормално да ја добие соодветната казна за тоа што го направил, без разлика дали тоа значи дека ќе заврши в затвор. Правда мора да има, а криминалот мора да се казни.

Меѓутоа, голем проблем кај нас настанува кога лончињата се мешаат. За некој што извршил кривично дело, направил криминал, се знае како оди целата таа процедура. Се покренува предистрага, па истрага, обвинителен акт и на крај се заокружува со судски процес, каде што се „крои“ судбината на обвинетите.

Да бидеме начисто, не дека кај нас дел од судиите и обвинителите се цвеќиња, не дека не се со оваа или со онаа власт, сепак нивна и само нивна работа е да го решат случајот и да го казнат „злосторникот“.

Факт е дека сите власти си имаат свои омилени обвинители и судии, па како ќе се промени власта, така и тие се трн во очите на новодојдените на Илинденска.

Но, едно мора да биде јасно – дека извршната не смее да се меша во правосудната власт. Во никој случај. А, не, пак, премиерот Мицкоски да си дозволува јавно секој ден да повикува на акции и апсења на обвинители и судии. Не само за нив, туку за сите области.

Тоа не е негова работа. И уште пострашно, да се потсмева дека имале вируси, температура, настинка, дијареја, па дури и да се дрзне да коментира кога жените добиваат. И тоа да го врти секојдневно, како на некоја лента.

Тука нема ништо смешно, туку е страшно и е едно големо разочарување, бидејќи на тој начин настапува од позиција на моќ, дека тој ги држи конците во раце и дека тој утре ќе апси. Не дека тоа не е така и не дека не може. Македонија и сѐ е можно.

Но, од последните 20 години требаше барем да извлечеме некаква поука. Дека извршната власт во никој случај не смее да се меша во работата на судиите и на обвинителите.

Како може Мицкоски да се става во улога на инспектор, да ја презема работата на МВР и да најавува акции за апсење. Отворено да кажува дека ќе апси. А, и МВР не смее под никој услов да го информира премиерот за случаите што ги води, дали ќе апси и кој.

Многу битен момент во целата приказна е дека на сите повеќе од јасно ни е на кој алудира премиерот, но, сепак, постои и закон, кој ги штити обвинителите, па нема да му оди баш лесно од рака да ги смени. Ќе мора добро да се потруди. Иако, со нив никогаш не се знае на што си.

Реформи мора да има во правосудството, не само отсега, туку отсекогаш. Но, тоа не се решава на начин на кој премиерот ќе си ја користи позицијата и моќта и ќе кажува кој ќе заврши зад решетки. Во оваа наша мала држава, еднаш засекогаш мора да се знае кому каде му е местото, а што му е работата на еден од првите луѓе во државата. Но, дефинитивно не да апси.

Реално, Македонија е претрупана со проблеми и тоа куп проблеми, кои лично ги засегаат граѓаните. Затоа народот ја казни претходната власт бидејќи не ја водеше државата како што треба, па 500 илјади гласа отидоа на контото на вмровците.

Сега тие седнеа на функционерските столчиња, па затоа нека си ги засукаат ракавите и нека почнат да работат за доброто на народот. Нели, за тоа се тука, па и затоа ги гласаа.

Образованието ни е хаос, здравството е во уште поголем хаос, децата останаа неписмени, а луѓе секојдневно умираат по здравствените лавиринти. Е, тоа е приоритет.

Премиерот Мицкоски нека го остави правосудството на експертите, а тој нека си ја врши работата за која седна на Илинденска. За да не се враќаме пак во времето на Груевски. Сакаме да го заборавиме и тоа време и таа диктатура!

Поврзани новости