Пишува: Валентина Вурмо
Она што со години беше јавна тајна, дека има и судии со рацете брцнати во медот, и тоа до лакти, вчера доби официјална потврда. Врховниот судија Наке Георгиев, кој го извалка образот на највисокиот суд во земјава, призна дека зел мито од 15.000 евра, за да посредува во судски случај. Во држењето на кантарот, за одмерување на казната на Боро Малборо, со својот ,,авторитет”, му се приклучил и членот на советот на Јавните обвинители, Иџет Мемети.
Од првичната одбрана во јавноста дека, тие чесните, се наместени, па на Георгиев насила му ги фрлиле парите в раце, си легнаа на брашното и се спогодија со обвинителството. Мемети помина со супер зделка, добивајќи условна казна, а Георгиев речиси подеднакво добро, со три години затвор, кој ќе го преспива дома. Е сега за да ја заслужи оваа привилегија ќе треба и нешто и да работи преку ден, надвор од кривосудството, ама ќе се најде нешто и за него.
И толку. Тука се завршува овој скандалозен случај, кој доколку дојдеше до судница се очекуваше да го отвори судството како пупка!
Вака и волкот сит и овците на број. Се избегна процедурата со презентирање на докази и сослушување на сведоци. А кој знае, што ли се можеше да слушне од телефоните на двајцата обвинети. Како на пример, преку кого и до кого требало да стигнат нивните ургенции, бидејќи ова не беше предмет на судијата Георгиев. Можеби во мрежата ќе беа фатени и други судии, обвинители, функционери… Вака, на невидено, ќе треба да поклониме верба на обвинителството дека немало докази за други валкани играчи.
Црешата на шлагот пак денеска ја додаде Судскиот совет, кој со невидени комплименти пред четири години го избра судијата Георгиев за судија во Врховниот суд. Тогаш го хвалоспеваа дека бил невиден стручњак и професионалец, замижувајќи пред претставките поднесени за неговата работа како апелационен судија во Штип, за да денеска поплукаат се што кажале во минатото. Не дека можеле однапред да знаат како ќе ја заврши судиската кариера, но можеле да претпостават зошто некој ургира за него, бидејќи јасно како ден е дека изборот на се врши на седницата, туку претходно, зад затворени врати.
Многумина беа затекнати и од крајот на специјалната обвинителка Катица Јанева, но од денешна перспектива и не требаше да биде изненадување, бидејќи сепак и неа ја избраа политичарите, а не странците, како што долго време се претпоставуваше. Јанева беше предлог на визионерот Груевски, а кога си подале рака со Заев, претставникот на меѓународниот фактор, целиот во прашалници рекол: ,,Who is Katica Janeva?
За Георгиев, кога се решавало дали да стане врховен судија, колегите добро знаеле кој е. Така да, сакале да прифатат или не, и нивниот образ е извалкан. Додека молчат и климаат со главите сите се сооучесници.
Во СЈО се молчеше за ,,карактерот и професионалноста” на Јанева за да се зачува големата слика, да се спасат предметите, а во случајот на Георгиев зошто молчеле?
Не за џабе вели народот: ,,Со кого си, таков си”!