Пишува: Валентина ВУРМО
Додека се обидувам да пресметам колку се 10 милијарди денари во евра, се разбира на калкулатор, кои биле испумпани во бизнисот со мазутот, низ глава ми поминува и прашањето колку јас, ти, моите деца, твоите деца… сме вдишале од канцерогените честички што ги испуштале овие штетни горива? На валканите бизнисмени и нивните соработници им ги наполниле џебовите со неверојатни 167 милиони евра, ама не се добројува со колку штетни честички се наполниле нашите бели дробови!
Иако и сумата на пари тешко ми е да ја преџвакам, бидејќи не можам ниту да замислам колку пари се тоа, сепак фактот дека е многу веројатно некој свесно да нѐ труел, никако не се проголтува.
Како кнедла во грлото стои и тоа што уште пред четири години медиумите го вклучија алармот дека сите „не пиеме нафта“ и дека нешто страшно смрди при нејзината набавка, но институциите и понатаму останаа жедни и продолжија да голтаат.
Еден од главните нафтени играчи, Ратко Капушевски, пак, уште тогаш прозван, се правдаше дека неговата нафта е совршена.
Ма, без ниту една мана. По сите протоколи, но се чини не безбедносни, туку доходовни. Потоа наместо да даде одговори ѝ реплицираше на колешка, дека, да не бил тој, ќе сме немале струја, а таа ќе одела нефенирана на емисија.
Очигледно е дека се задржал на добрата и услугите, а испуштил да го спомене гратис делот со збогатување на воздухот со канцерогени честички. И тамам ми доаѓа да прашам, па добро, зар тој и неговите блиски не го дишеле истиот воздух, како нас, обичните смртници, но потоа ќе се сетам на муабетот дека тој ретко седел во државата, бидејќи располага со резервни домови во неколку земји. Еве дури повеќе од месец дена истражните органи го чекаа да се прибере во родното место, кое очигледно му служело само за бизнис, ама не и за дишење со полни гради.
Точно е и дека предвреме не треба да се носат заклучоци, дека треба да се почитува начелото на пресумпција на невиност, но многу е тешко да играш фер кога постои сомнеж дека некој свесно ги труел сограѓаните. Загадувањето ни е долгогодишна рак рана, која годишно одзема над 4.000 животи, а убива и сѐ уште неродени бебиња додека се во утробите на мајките.
Шемата за богатење преку монструозните набавки на мазут допрва ќе ги разоткријат инспекторите од МВР и истражителите од обвинителството, а она што со нетрпение, но и со страв се очекува, е колку ова црно гориво го зацрнило нашето здравје и животи? Првичните претпоставки се дека горивата биле со недозволено ниво на сулфур, односно над 1 отсто. Но, бидејќи мазутот не гори веќе две години, прашање е дали постојат мостри за проверка или ќе излезе само „по свадба тапани“.
Во овој случај мора да се постави и прашањето што правеле контролните органи, во случајот Царината, кои имаат лабораторија за проверка на сулфурот во горивата. Бидејќи, доколку мазутот содржи поголемо количество од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата.
За другите карактеристики за квалитет, предвидени со Правилникот за квалитет на нафтени деривати, се надлежни Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина. Нема да биде на одмет да се провери што правеле и тие во овој критичен период? Односно кој „пиел нафта“ додека бизнисмените нѐ труеле и се богателе?
Како и Капушевски, сигурно и Асмир Јахоски смета дека и неговата нафта е совршена, па затоа неговиот татко Исмаил Јахоски, долгогодишен кадар на ДУИ и актуелен пратеник, ја попречувал истрагата. Не е за замерување, до неодамна тој палеше и гаснеше во државата, па сега не му се верува дека во домот му „упаднале“ неканети гости. Уште, пак, да му пребаруваат по собите и да му го пребројуваат азното.
И за крај, како јаготка на шлагот, недостасува да се дознае и кој сѐ бил подмачкан со валканиот профит од нафтата? Со толку пари, ако не цела држава, комотно можела да се подмачка барем половина!