Кој пат ќе го фати НСДП со новиот лидер Мисовски?

Новиот претседател на НСДП, Горан Мисовски со прва изјава откако и официјално застана на чело на партијата.

by fokus

По сите турбуленции кои му претходеа на изборот на наследник на Тито Петковски на чело на НСДП, денеска новиот лидер Горан Мисовски и официјално беше впишан во регистарот на политички партии како претседател на партијата.

По 17 години, односно од самото основање, сега НСДП го продолжува својот политички пат без основачот Петковски. Под негово водство, партијата преферираше да биде во коалиција со големите партии, најчесто со СДСМ, од каде во 2005 и се отцепи.

Кој пат ќе го фати „новата“ НСДП на Мисовски? Дали ќе продолжи по истиот или можеби на идните избори ќе се проба со самостоен настап?

Новиот лидер Мисовски во својата прва изјава откако и официјално застана на чело на партијата, за „Фокус“ вели дека одлуки за тоа како ќе настапува партијата носат органите на партијата, но напомена и дека ќе продолжат да ги негуваат врските на взаемна доверба со сегашната коалиција со СДСМ.

НСДП е партија која покажа капацитет да се справува со најголемите предизвици пред коисшо беше исправена државата во минатиот период. Покажавме исто така дека имаме и капацитет за коалицирање, а тоа го докажавме и во изминатиот период, како коректен и кредибилен партнер во сегашната коалиција. Таквите врски на взаемна доверба ќе продолжиме да ги негуваме и во иднина, вели Мисовски за „Фокус“.

НСДП самостојно има настапено на парламентарните избори во 2006 година, кога постигна најголем успех и освои седум пратенички места. По изборите, партијата влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и стана дел од владата на Никола Груевски.

Како партија сме докажале дека можеме да се натпреваруваме и самостојно на избори. Одлуки за изборен настап на НСДП носат органите на партијата. Бидејќи следните избори ке бидат во 2024 година, како партија ќе имаме доволно време да го заокружиме процесот на избор на органите на постоечките општински организации и формирање на нови онаму каде што како партија не сме присутни, заклучува Мисовски.

Новиот претседател на НСДП остана без поддршката од неговиот претходник и основач на партијата, Тито Петковски откако тој му замери дека сака да дојде на чело на партијата без „борба“, односно не сака да има противкандидат на партиските избори.

На Конгресот за избор за претседател, Мисовски беше единствен кандидат, а неговиот најсериозен противник Кристијан Трајковски во последен момент одлучи да не самокандидира, непризнавајќи го легитимитетот на Конгресот и спорејќи го начинот на кој се избрани делегатите.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости